Важно известување за сите што скенираат сметки со „МојДДВ“

Сподели

Апликацијата „МојДДВ“, преку која граѓаните скенираат фискални сметки и остваруваат поврат на дел од платениот ДДВ, веќе неколку дена им создава проблеми на голем број корисници.

Реклама

Според реакции на граѓани, при обид за најава во апликацијата се појавува известување дека нема конекција со Управата за јавни приходи, поради што скенирањето на сметките во одредени периоди е невозможно или значително отежнато.

Проблемите, според информациите што се споделуваат во јавноста, започнале на 10 јуни, а и покрај најавите дека се работи на нивно надминување, дел од корисниците и понатаму пријавуваат дека апликацијата не функционира нормално.

Од Управата за јавни приходи информираат дека „МојДДВ“ во моментот работи со повремени забавувања и дека нивните тимови работат на откривање на причините и стабилизирање на системот.

Нефункционирањето на апликацијата доаѓа во период кога граѓаните вообичаено поактивно ги скенираат фискалните сметки, бидејќи се работи за последниот месец од кварталот. Токму затоа, проблемот предизвика дополнителна нервоза кај корисниците кои сакаат навреме да ги внесат сметките за поврат на данок.

Преку мерката „МојДДВ“, граѓаните можат да добијат поврат до 2.100 денари за едно тримесечје, во зависност од износот и видот на скенираните фискални сметки.

Од УЈП претходно потсетија дека исплатата на средствата се врши во рок до 60 дена по завршување на кварталот, согласно законските одредби.

Граѓаните, пак, очекуваат апликацијата што поскоро да биде целосно стабилизирана, особено затоа што за многумина „МојДДВ“ е веќе секојдневна навика при пазарување.

Најново

Може ќе ве интересира