Македонскиот фитнес тренер и онлајн ментор Ивица Јанев, познат како ICE BBF, оствари огромен успех на меѓународната бодибилдинг сцена, освојувајќи прво место во категоријата Classic Physique 40+ на престижниот натпревар Mr. Olympia Amateur.
Со овој резултат, Јанев го развиори македонското знаме на највисокото место и, како што истакна во својата објава, станува збор за прво прво место на Mr. Olympia Amateur освоено од Македонец.
Покрај победата во Classic Physique 40+, Ивица се закити и со трето место во категоријата Бодибилдинг до 90 килограми, со што уште еднаш ја потврди својата посветеност, дисциплина и долгогодишна работа во фитнесот и бодибилдингот.
„Нема да филозофирам многу, фатете се за работа и делата нека зборуваат за вас“, напиша ICE BBF по големиот успех, испраќајќи силна порака до сите кои работат на своите цели.
Во емотивната објава, тој ѝ се заблагодари и на својата сопруга Елена Јанев, која, како што напиша, овојпат се надминала себеси – како тренер, ментор и најголема поддршка во целиот процес.
„Жено моја, ти овојпат се надмина себеси! И тренер и ментор и нанесувач на боја… сè што треба да бидеш“, напиша Ивица.
Јанев упати благодарност и до Владичa Coach за советите и соработката, а за Mr. Olympia Amateur порача дека било „едно извонредно искуство и уште еден остварен сон“.
Овој успех претставува значаен момент за македонскиот бодибилдинг и фитнес-сцена, но и инспирација за сите кои веруваат дека со дисциплина, работа и упорност, македонското знаме може да се развиори и на најголемите светски сцени.
View this post on Instagram
