Се наоѓа на 10-ти кат: Базен кој „виси“ над улицата
Хотелот Joule во центарот на Далас, во американската држава Тексас стана туристичка атракција меѓу странците, како и локалните жители. Причината се крие во необичната положба на застаклениот базен, кој се наоѓа на 10-ти кат од зградата.
Тој штрчи приближно 2,5 метри од останатиот дел од зградата и изгледа како да виси над прометна улица. Похрабрите кои ќе допливаат до крајот на базенот, ќе погледнат надолу и се чувствуваат како да лебдат над врелиот асфалт.
Станува збор за вистинска мала сина оаза во средината на бетонската џунгла во Далас. Затоа, не е изненадувачки што е една од омилените туристички атракции меѓу гостите на хотелот, како и жителите на Далас во текот на летните месеци кои имаат можност да уживаат во базенот по цена од 50 долари.
Joule е луксузен хотел со 161 соба кој го добил името по мерната единица за енергија (џул). Дизајнерот Адам Д. Тихани го декорирал на модерен начин ентериерот на зградата која била изградена околу 1920-та година. Хотелот е полн со интересни уметнички дела, вклучувајќи неколку дела од Енди Ворхол.
Покрај необичниот базен, вниманието на посетителите го привлекува и необичното уметничко дело сместено пред зградата – огромно око, скулптура на Тони Тасет која е висока девет метри.
Откако прочитавте за базенот кој „виси“ над улицата, можеби ќе сакате да ги погледнете и овие 10 прекрасни базени кои сигурно ќе сакате да ги имате во вашиот двор.
Извор: punkufer.dnevnik.hr