Бункерот на ужасот: Тајното оружје со кое Хитлер сакал да го освои светот
Во близина на Бремен, на брегот на реката Везер, сè уште постои бетонско чудовиште со името Валентин. Во тој бункер, еден од најголемите во Европа, Хитлер работел на тајно оружје односно модерни подморници со кои сакал да ги покори непријателите.
Бункерот во Бремен-Фарж некогаш бил еден од најголемите воени проекти во нацистичка Германија. Од 1943 до 1945 година, илјадници принудени работници од цела Европа работеле на градилиштето за бункери. Бидејќи сојузничкото воено воздухопловство било супериорно во однос на поголемиот дел од германската територија во тоа време, градењето на подморници во голем дел од бродоградилиштето била невозможна мисија.
Во Валентин, подморниците требало да се градат со специјални технологии, зад sидовите и таваните дебели 4,5 метри. Нацистичките водачи се надевале дека ќе го променат текот на војната со пробивање на сојузничките патишта преку Атлантикот, па не е изненадувачки што во тој момент проектот Валентин станал приоритет. За само дваесет месеци се изградил бункерот каде што работеле измачувани луѓе, во смени од 12 часа без одмор. Приближно две илјади од нив починале поради исцрпеност предизвикана од напорната работа и нехуманите услови. Денес се познати имињата на само 1144 жртви, а не е познат идентитетот на другите жртви.
Незавршениот дел од бункерот бил уништен од Британците кон крајот на март 1945 година, а кратко потоа изградбата била запрена. Никогаш не била изградена подморница во бункерот Валентин. По војната, сојузниците го користеле бункерот како цел за експериментирање со бомби. Подоцна, плановите за рушење пропаднале и Валентин станал игралиште за локални деца. Кон крајот на 1950-тите, германската армија го искористила како полигон, а потоа служел како магацин на морнарицата.
Денес, Валентин е меморијален центар каде што се одржуваат изложби кои потсеќаат на ужасите од војната, кои никој не би сакал да се повторат.
Прочитајте за фамозниот бар на Хитлер каде што можеле да пијат само неговите најдобри пријатели и соработници.