Претходно
Лесен и фин – пудинг колач
Колачот со пудинг е еден од оние колачи кој и во случај да не знаете да готвите, лесно можете да направите. Неговата подготовка е едноставна и не бара многу напор. Потребна ви е само малку волја и идеја за тоа со кои производи ќе го комбинирате.
Колачот со пудинг може да се направи на различни начини, сето тоа зависи од тоа што во моментот имате во кујната. Можете да додадете бисквити, овошје, чоколадни трошки, желе бонбони… Сè зависи од вашата имагинација. Сепак, можеби наједноставната варијанта е најдобра.
Потребни состојки:
- 300 грама бисквити
- 700 милилитри млеко
- 5 лажици шеќер
- 2 кесички ванилин шеќер
- 2 пудинзи по желба
- 100 г путер
- 200 мл слатка павлака или кесичка шлаг крем
Начин на подготовка:
- Одвојте 100 мл од вкупната количина млеко и измешајте го прашокот за пудинг во него. Остатокот од млекото измешајте го со шеќерот и ванилиниот шеќер и оставете го да зоврие на умерена температура. Штом млекото зоврие, додајте го растворениот прашок за пудинг и варете ја смесата, мешајќи постојано, сè додека не се згусне.
- За да нема грутки, истурајте го пудингот постепено, додека со другата рака постојано мешате, па така млекото и пудингот добро ќе се спојат. Гответе додека пудингот не стане кремаст и густ.
- Оставете го пудингот да се излади, а за да го забрзате ладењето со ставете го садот со пудинг во поширок сад со ладна вода. Промешајте во пудингот и изладете го многу побрзо.
- Само во добро изладен пудинг додадете путер (може и маргарин) и изматете ја смесата за филот да стане кремаст.
- Во соодветна тава или калап, поставете ги бисквитите и истурете го пудингот врз нив. Изматете ја слатката павлака или шлагот и украсете го колачот по желба. Оставете го да се излади во фрижидер и сервирајте.
Можеби сакате да го прочитате и рецептот за кремаст колач со нутела и кекс.