Како правилно да користите лак за коса?
Лакот за коса ви е потребен за да ја подигнете вашата коса од коренот и да ѝ дадете волумен, за да ги поправите кадриците или за да ги скротите и најнепослушните прамени. Лакот ви служи за да ја фиксирате посакуваната фризура, а подолу прочитајте како да го користите за да не ја оштетите вашата коса, а волуменот да ви трае 24 часа.
Неопходно е внимателно да изберете лак за коса фокусирајќи се на брендот (подобро е да им дадете предност на докажаните брендови), на волуменот на шишето (во зависност од тоа колку често го користите), на аромата и на посакуваниот резултат (различни степени на фиксација).
Лакот не се избира според видот на косата, како што избирате производи за нега, кремови или гелови што се нанесуваат на влажна коса. Но, постојат неколку видови фиксација. Ако сакате косата да се движи и да не е леплива, потребен ви е мал степен на фиксација. Ако ви треба гаранција за формата на косата во текот на целиот ден, тогаш ви треба појак лак, а лаковите со исклучително силна фиксација се погодни само за комплексни фризури.
Лакот за коса содржи алкохол и треба да внимавате со употребата затоа што можете да ја исушите вашата коса и таа да стане кршлива и безживотна. Поради тоа, неопходно е пред употреба да ја навлажните косата со производи за нега (со маска, балсам или спреј).
Не го користете лакот за коса повеќе од двапати на ден – тоа е доволно за да го задржите посакуваниот ефект.
Ако сте отишле предалеку со користењето на лакот и косата ви е залепена, обидете се да ја расчешлате, а ако тоа не помогне, тогаш измијте ја.
Не користете силен лак пред да нанесете топли обликувачи за коса затоа што тоа може да ви ја уништи косата. Лакот треба да се нанесе на сува коса држејќи го спрејот на растојание од 15 до 20 цм. На овој начин ќе избегнете лепење на косата.
За да додадете волумен во коренот, префрлете ја косата напред, задржете ја со рацете и нанесете малку лак.
Прочитајте како да имате здрава коса и направете ја оваа маска за раст на косата со лут црвен пипер.