Искрени родителски совети од Џулија Робертс
Џулија Робертс ги доживеала и добрите и лошите страни на родителството. Таа има три деца: Хејзел, Фин и Хенри, а нејзинот сопруг е Дени Модер. Уште откако станала мајка за прв пат во 2004, таа почнала да ги споделува своите искуства и совети. Затоа издвојуваме 15 изјави на Џулија кои сметаме дека ќе ви дадат храброст и самодоверба како родител.
„Ја немам привилегијата да имам многу слободно време. Сигурна сум дека бев многу послободна пред да имам деца, но не знаев што да правам, ниту како да го ценам тоа време. Но ми се допаѓа замената. Немам време за педикир, но децата ме прават пресреќна. Не е важно дали стапалата ми изгледаат лошо.“
„Ги обожавам семејните ручеци и вечери, тогаш е времето кога разговараме за неверојатни работи. Обично појадувам и вечерам со моите деца секој ден. Убаво е како деновите ви започнуваат и завршуваат заедно.“
„Сакам да ги воспитувам моите деца, не сакам да ги имаат потешкотиите кои ги имав јас како дете. Но во исто време, треба да ги оставам да си ги средат сами креветите, да знаат да ги соберат валканите алишта или да направат нешто за јадење. Тие се едни од најважните вештини што треба да ги знаете. Треба да ја трчаат својата трка. Треба сами да си создадат искуство.“
„Никој не е до вас кога сте станати во 3 часот наутро и се запрашувате: ‘Што правам?’ ‘Од каде дојдоа и каде ќе заминат?’ Постојано размислувате на тоа, сите родители мислат на тоа. Нивното растење е процес на правење грешки исполнет со солзи. Имам три прекрасни деца, и само кога ќе се сетам колку беа малечки… Времето навистина лета.“
„На нашата земја не ѝ оди баш најдобро во последно време, и тоа предизвикува фрустрации. Но не смеете да се откажете од надежта. Ова е време кога треба да се издигнеме како општество, семејство и како држава и да се слушнат нашите гласови. Тоа ги учам моите деца бидејќи се доволно возрасни за да бидат свесни што се случува во политиката. Многу е важно да бидеме искрени со нив и да бидеме нивна поддршка во овој процес.“
„Мислам дека моите деца никогаш нема да бидат целосно свесни за мојата слава. Еднаш ме прашаа дали сум позната, и им одговорив дека најверојатно многу луѓе го виделе филмот во кој глумам и ме препознале. Помина еден час и ме прашаа: ‘Дали си попозната од Тејлор Свифт?’“
„Кога треба да облечете четири луѓе пред да излезете од дома, тогаш немате многу слободно време за себе. Но мене тоа ми одговара. Никогаш не сум била од оние кои прават фризура и се шминкаат само за да отидат до супермаркетот.“
„Многу е поинаку отколку во времето кога јас бев тинејџер. Дени и јас навистина не знаеме како е да се биде тинејџер денес. Понекогаш моите деца ме прашуваат нешто, и бидејќи не знам како да им одговорам морам да направам цело истражување на Интернет.“
„Има денови кога само што ќе завршите со чистење на садовите од појадок, треба да почнете со готвење ручек. А кога ќе завршите со чистење од ручекот, време е за вечера и тогаш посакувате да нарачате нешто. Но исто така има денови кога е интересно и децата ми помагаат при готвењето. Некои денови е презабавно, а некои денови е досадно.“
„Никогаш не можете да го усовршите мајчинството, и на тоа треба да бидете свесни пред да станете мајка. Ние, жените, мислиме дека е наша одговорност постојано да даваме, да даваме и да даваме. Ништо не е лошо доколку побарате помош од сопругот или пријателот.“
„Многу сакам кога децата повторно тргнуваат во училиште, како и целиот шопинг поврзан со училиште: папки, пенкала, боички.“
„Моите близнаци се различни. Според мене, воопшто не си ни личат, туку се само на иста висина. И имаат роденден на ист ден.“
„Кога Трамп беше избран за претседател, мојата ќерка Хејзел гледаше празно во телевизорот бидејќи очекуваше дека нешто друго ќе се случи. Во тој момент ја почувствував нејзината потреба од родител кој ќе ѝ објасни дека таа сѐ уште има глас. Поради тоа отидовме на првиот марш на жените во Вашингтон – сакав да се почувствува дека има место во светот, и дека треба да верува во себе.“
„Не снимав филмови секоја година, бидејќи имам три деца дома, а тоа значи дека секој ден правев куклени претстави и раскажував приказни.“
„Имам голема поддршка од моето семејство. Моите деца се многу мили. Мислам дека тоа го наследија од нивниот татко – да ја изразуваат љубовта.“
Прочитајте ги и овие родителски совети од полскиот писател Јануш Корчак.