Навики кои ќе ви помогнат да имате подобра самодициплина

Навики кои ќе ви помогнат да имате подобра самодициплина

Можеби на прв поглед делува дека самодисциплината да е природна состојба на умот и дека најлесно е да се исконтролираме себеси, се согласувате? Но, често се среќаваме со тешкотии кога треба да почнеме со вежбање и да ја испочитуваме нашата рутина.

Не е лесно да се оствари самодисциплина, затоа што во нашиот ум има постојан „конфликт“ меѓу страната која сака одмор, опуштање и хедонизам, и страната која е свесна и ги следи сите зацртани задачи. Но, кои навики од секојдневието можат да ни помогнат да ја развиеме?

Навики кои ќе ви помогнат да имате подобра самодициплина

1. Избројте до десет, па преземете акција

Ако работите лесно ве вадат од кожа, лесно пламнувате и бурно реагирате, обидете се да се смирите пред да изреагирате. Обидете се да изброите до десет пред да го направите следниот чекор. Така ќе си дадете време за да се смирите и да размислите за ситуацијата.

2. Запишете ги своите цели и ставете ги на видно место

Списокот со своите цели ставете го во близина, над работната маса или во автомобилот доколку поминувате повеќе време таму. Целите можете да ги запишувате во планер или да ги забележите на календар. На располагање ви се и бројни апликации кои можат да ви служат како потсетник. Не се плашете од зацртаните цели, напротив, на секоја нова задача пристапувајте ѝ со полн ентузијазам.

3. Потсетете се зошто сте си ги поставиле тие цели

Имајте ја на ум вашата крајна цел и не ја заборавајте причината поради која сте почнале да го правите сето ова. Можеби патот до целта ќе биде тежок, а попатно ќе има и многу искушенија кои ќе ве наведат да се откажете. Но, не смеете да се откажете. Обидете се да го визуализирате моментот кога сите ваши цели ќе бидат остварени. На овој начин ќе се мотивирате уште повеќе.

4. За почеток поставете си помали цели

Доколку не ги остварите високо зацртаните цели, ќе доживеете разочарување и пад на самодовербата. Затоа прво поставете си мали цели кои се полесни за остварување. Ако имате желба да истрчате пет километри без пауза, за почеток истрчајте еден километар. Откако ќе го остварите тоа, вие сте веќе еден чекор поблиску до првичната цел. На овој начин го намалувате ризикот од фрустрација.

5. Поставете си приоритети

Поставете си приоритети во текот на денот и посветете се на задачите кои ви се најважни. Ако составите план според обврските на кои им се радувате, помалку е веројатно дека ќе дојде до нивно одложување.

6. Водете сметка и за своите слабости

Вие најдобро се познавате себеси, а со тоа знаете и кои се вашите слабости. Кога знаете со кои слабости се соочувате, така полесно ќе им се спротивставите. Ако треба да станувате рано, а сте „ноќна птица“, обидете се да си легнувате порано или побарајте помош од лекар кој ќе ви даде совет како полесно да заспивате. Ако не сте истрајни, а знаете дека имате многу обврски, кажете им на своите пријатели да не ве канат на доцни забави, сѐ додека не ги завршите обврските.

7. Побарајте поддршка од пријател

Доколку уште една личност е запознаена со вашите замисли, вие ќе имате поголема должност да ги остварите зацртаните цели. Со тоа што нема да ги завршите работите навреме, вие ќе почувствувате срам од самите себеси. Затоа побарајте поддршка од некој ваш пријатели и заедно тргнете во акција. Ако сакате да намалите неколку килограми, заедно трчајте на кеј. Ако сакате да направите промена во кариерата, заедно посетувајте некој курс кој ќе ви помогне да научите нешто ново. Вака полесно ќе ги преминете препреките и полесно ќе ги остварите вашите цели.

Дознајте ги причините поради кои е важно да имате самодисциплина.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевничка која би живеела во приказна на Харуки Мураками, во режија на Вес Андерсон, со саундтрак на The Smiths.

Поврзани содржини

Остави коментар