Филм: Хелбој (Hellboy)
Хелбој, заробен помеѓу натприродниот и човечкиот свет, се бори против античка магија со цел да се одмазди
Режија: Нил Маршал
Улоги: Дејвид Харбор, Мила Јовович, Ијан Мекшејн
Времетраење: 120 минути
Премиера: 12 април 2019
Јазик: англиски
Жанр: акција, авантура, фантазија
Наша оценка: 6/10
Ваша оценка:
Хелбој е еден од најпопуларните антихерои на филмското платно, еден од најпознатите лошковци кои се обидуваат да се изборат со своите демони и да најдат начин да се претворат во суперхерои. И бидејќи станува збор за момчето од пеколот, како што ни кажува и неговото име, овој филм има многу повеќе хорор карактеристики од останатите од својот жанр, и приказната се врти околу ѓаволи и вештерки наместо околу почесто забележуваните супернегативци.
Првото нешто што ќе го забележите кај овој филм се неверојатните визуелни ефекти, но кога ќе се обидете да ја следите приказната, ќе сфатите дека таа има многу дупки, правејќи го „Хелбој“ филм којшто изобилува со акција која повремено е прекината со по 2-3 реченици изговорени од страна на главните актери. Најлошото е што овие 2-3 реченици звучат исто во текот на целиот филм, иако се користат различни зборови.
Што се однесува до приказната, на кратко, ќе видите буквално сè од нацисти, некроманти, бесмртни тајни општества и медиум што зборува со духови до Баба Јага и хуманоидна свиња што јаде човечки усни и некако успева да го имитира нивниот глас. Да, филмот навистина делува хаотично, но како што веќе спомнав, Хелбој е еден од омилените антихерои на филмското платно, па во комбинација со специјалните ефекти, тој може да биде фина дистракција од секојдневниот живот.