Корисници на Твитер споделуваат приказни за добрината што ја добиле од странци
Сите сме навикнати да бидеме сакани од луѓето кои ни се драги и обратно. Но што е со странците? Луѓето кои не ги познаваме немаат обврска да нè сакаат или да се обидуваат да ни го разубават денот. Токму поради ова, кога некој странец ќе ни покаже добрина, целиот настан е навистина посебен.
Никол Клиф е новинарка и телевизиски писател и решила да постави навистина интересно прашање на Твитер: „Што е најдоброто нешто што некој странец ви го кажал или го направил за вас?“ Одговорите во продолжение ќе ви докажат дека нема потреба да спасувате луѓе или да посвојувате деца за да станете нечиј херој. Едноставните нешта како позајмување пари за автобус можат да направат огромна разлика за некого. Прочитајте ги искуствата на корисниците и сигурно уште денес ќе посакате да направите нешто добро за некого.
„О, Боже, не можам ни да ја раскажам оваа приказна а да не заплачам. Водев ЛГБТ книжарница. Една вечер ми се јави човек кој ми кажа дека мисли дека е геј и дека сака да се повреди. Ние не бевме центар за криза! Но сè додека разговараме, тој е безбеден, зарем не? Па, зборував со овој човек, му ги одговарав прашањата и се обидував да го охрабрувам. Можеби звучев избезумено и дефинитивно ги игнорирав муштериите во продавницата, кога една жена ангел ја стави нејзината рака на моето рамо и го побара телефонот. Ми рече: ‘Мене ми е редот’. И таа 50-годишна лезбејка разговараше со овој странец на телефонот. А зад неа се формира редица. Секој муштерија во продавницата го знаеше тој повик, го знаеше тоа чувство и секоја личност разговараше со човекот. Оваа приказна ме теши и до ден денес.“
„Еднаш изгубив свест во метрото и добра, постара жена од Кина која не зборуваше англиски чекаше со мене, ме држеше за рака и ме хранеше грозје додека чекавме брза помош. Кога конечно пристигнаа, таа ме погали по раката и ја стави нејзината дланка на моето срце пред да замине.“
„Еден човек ме спаси кршејќи прозорец и вадејќи ме од запалена куќа кога имав 7 години. Си го скрши зглобот. Си ги исече двете раце. Спаси две деца, брат ми и мене. Не го знам неговото име, само дека беше велосипедист и дека го остави велосипедот на улица кога нè здогледа преку прозорецот.“
„Кога имав 9 години и одев со автобус на балет, постар човек седна блиску до мене и почна да шепоти. Бев исплашена, но заглавена. Една постара жена дојде, седна до мене и рече: ‘Луис (не е моето име), како е мајка ти?’ Остана и разговараше со мене до мојата постојка, а потоа ме испрати од автобусот.“
„Кога бев 8 месеци бремена се лизнав на мраз и изгубив свест. Кога се разбудив, околу мене имаше толпа странци, сите без палта (беше Канада во декември). Нивните палта, сфатив, беа врз мене, освен едно кое беше под мојата глава.“
„Секогаш ќе се сеќавам на непознатата жена на улицата крај куќата на мајка ми, која ми носеше шолји чај додека седев на терасата во февруари навечер, додека свештеникот беше во куќата со телото на мајка ми. Не можев да поднесам да влезам внатре.“
„Симнувајќи се од метрото во Торонто, застанав за момент за да го погледнам големиот постер за телефонска линија за спречување самоубиство. Имам долга историја со справување со такви работи, но бев во ред, само размислував, кога еден постар маж ме забележа како гледам. Дојде до мене и со најнежниот глас на светот ме праша дали сум во ред, дали ми пречи нешто и дали сакам да разговарам за нешто.“
„Купував намирници со мојот 3-годишник и тој навистина сакаше слатки. Му објаснив дека не можеме да си ги дозволиме бидејќи татко му ја изгуби работата. Ми пријде еден маж и ми рече ‘Го изгубивте ова’ и ми даде 50 долари.“
„Еднаш кивнав додека минував покрај градилиште и слушнав цел хор од ‘На здравје!’ Беше одлично.“
„Странец ме спречи да скокнам од мост кога ми се роди мртво дете. Ме слушаше. Ми дозволи да плачам колку што ми беше потребно. Потоа ми рече дека не разбира зошто лоши нешта им се случуваат на некои луѓе, но да се надевам дека нештата ќе станат подобри. Беше во право.“
„Ја имам кажувано оваа приказна, но останува најдобрата. Еднаш кога живеев во Сан Франциско имав паничен напад во центарот и еден добар хипстер ме спаси и ме испрати до дома, загрижен дека може да се изгубам и да почнам да паничам. Најдобриот дел од приказната е тоа што неговите пријатели постојано му велеа да се јави во полиција и тој рече: ‘Не викаме полиција за луѓе со проблеми со менталното здравје, не е безбедно. Ќе се сретнам со вас подоцна.’“
„Кога имав 22 години, организаторот на погреби сфати дека ќе го плаќам кремирањето на мојот зет со кредитна картичка. Ми го наплати само она што го чинеше и него.“
Доколку и вие сакате да разубавите нечиј ден, овие предлози ќе ви помогнат во тоа.