Масажа на стомакот за ослободување од лоши емоции
Кружните движења при масажата на стомакот можат да ги смират симптомите како грчеви, задржување на течности, болки во стомакот и мрзливи црева, а со тоа да се намалат и негативните емоции. Па така, намалувањето и ослободувањето од стомачните тегоби помага и полесно да се соочиме со стресовите и анксиозноста.
Масажите на грбот и стапалата прават да се чувствуваме подобро и поопуштено од претходно, а истото важи и кога е во прашање абдоменот. Ваквото масирање ќе ја подобри циркулацијата и ќе ги релаксира згрчените мускули, како надворешните, така и на внатрешните мускулни органи. Според тао-мудреците од стара Кина, токму во органите во абдоменот се собира негативна енергија, па затоа и треба да се најде начин таа да излезе од нашето тело. Тие измислиле масажа за стомакот наречена Чи Неи Цанг, која нè ослободува од лошите емоции, а дејствува превентивно против главоболки, менструални грчеви, слаба циркулација и болки во мускулите и зглобовите.
Три важни чекори
Оваа масажа на стомакот е доста лесна и можете да ја применувате самите и превентивно, но и кога забележувате дека нешто не е во ред со вас и сте лошо расположени. Следете ги овие чекори:
1. Почнете со делот под градната коска, поставете ги дланките една врз друга и спуштете ги над папокот. Почнете да масирате со целата дланка, со кружни движења спротивни на движењето на стрелките на часовникот. На овој начин ја подобрувате работата на цревата. Практикувајте го ова масирање околу 10 минути.
2. Во вториот чекор, започнете со масирање на стомакот од надворешните страни, во линија на папокот. Масажата треба да се одвива од надвор кон средината на стомакот, исто со кружни движења. Во овој чекор може да примените и поголем притисок, но не смее да ви биде непријатно.
3. Ако сте почетник, изведете ја масажата лежејќи, а откако ќе стекнете повеќе искуство, можете и седејќи или стоејќи. Намалете го притисокот секогаш кога ќе почувствувате дека не ви е пријатно.
Постојат многу докази дека стресот и лошите емоции влијаат врз работата на дигестивниот систем, но и дека оваа релација е повратна, односно дека лошото варење може да предизвика дополнителна нервоза. Затоа, добро е да започнете со ослободување од стомачните тегоби, со што ќе ги смирите мислите и емоциите. А кога тие се мирни, ќе се намалат и проблемите со стомакот.
Масажата можете да ја применувате секојдневно или пак секогаш кога сметате дека има потреба. Најважно е да биде доволно нежна, но и да се изведува извесен притисок за да би имала ефект. И повторно, доколку чувствувате болка или друга непријатност, намалете го притисокот или прекинете ја масажата и пробајте повторно подоцна.
Научете и како да си направите релаксирачка масажа на лицето.