Емпатијата е недостижен идеал - секој си го гледа своето

Емпатијата е недостижен идеал – секој си го гледа своето

Многу често ги слушаме изреките од типот „Стави се во туѓа кожа“ или „Пооди во туѓи чевли“. Обете се однесуваат на емпатијата и способноста да се сочувствува со туѓите проблеми. Сочувствителноста важи за една од најзначајните особини што ја сочинуваат емоционалната интелигенција. Сочувствителни луѓе се оние кои можат да ги разберат другите, можат да ја согледаат нивната страна и да се стават на нивно место. Тоа се луѓе кои знаат да ги тргнат настрана своите грижи и проблеми и да си замислат како се чувствува другиот. Не само да си замислат, туку и да ги почувствуваат истите емоции. На тој начин, се зближуваат со луѓето и стекнуваат пријатели за цел живот. Освен тоа стануваат одлични колеги, соработници, шефови и партнери, бидејќи имаат разбирање за луѓето околу нив и работите низ кои тие поминуваат.

Емпатијата е недостижен идеал - секој си го гледа своето

Сочувствителните партнери можат да ги разберат саканите кога ќе им кажат дека им пречи тоа што контактираат со бившите. Замислете си дека вашиот партнер одржува одличен однос со неговите бивши. Постојано комуницираат, а понекогаш излегуваат и на кафе. Сигурно би ви пречело тоа од разбирливи причини. Партнерот кому не би му било грижа за вашите чувства, би продолжил да го прави истото без да ја сослуша и разбере вашата гледна точка. Но, сочувствителниот партнер би се ставил на ваше место и би се запрашал како би му било нему кога вие би имале толку близок однос со бившите. Сигурно би ги зел во обѕир вашите чувства и би сторил нешто во врска со проблемот. Кој партнер би го одбрале?

Сочувствителните пријатели можат да им понудат вистинска поддршка на нивните најблиски. Замислете си дека му откривате страшна тајна на вашиот најдобар пријател со надеж дека ќе наидете на поддршка и совет. Наместо тоа, тој ве осудува и напаѓа, не покажува никакво разбирање за вашата ситуација и не ви нуди совет или помош. Како би се чувствувале? А сега, замислете си пријател кој сочувствува со вас, се обидува да ве разбере и да ви понуди совет кој навистина би ви бил од корист. Притоа, ви гарантира дека ќе биде до вас, без оглед на сѐ, затоа што вие сте најдобри пријатели и секому може да му се случи да направи нешто ужасно. Кој пријател би го одбрале?

Емпатијата е недостижен идеал - секој си го гледа своето

Сочувствителните шефови можат да ги разберат барањата на нивните вработени и да се погрижат за нивните потреби. Одите на работа и навистина давате сѐ од себе. Покажувате самоиницијатива и прифаќате обврски што не спаѓаат во описот на вашето работно место. Сите се среќни и задоволни. Меѓутоа, поради сплет на околности, вие не сте повеќе во можност да работите повеќе од договореното и барате одмор или намален број обврски. Очекувате да наидете на позитивна реакција со оглед на тоа што ви било кажано дека ако ви стане пренапорно, секогаш можете да се вратите на стариот начин на работа.

За жал, реалноста е поинаква. Вашиот претпоставен не покажува никакво разбирање за вашата ситуација, не го цени вашиот досегашен вложен труд и згора на сѐ ве напаѓа дека сте неодговорни и недоследни. Емпатичниот шеф, од друга страна, пак, барем би се обидел да разбере низ што минувате моментално и не би ги споредувал неговите проблеми со вашите, туку би исполнил дел од вашите барања и би понудил разумен компромис. Емпатичните шефови знаат дека среќните и задоволни вработени се клучот за успехот на секој бизнис. Кој шеф би го одбрале?

Емпатијата е недостижен идеал - секој си го гледа своето

Не постои сомнеж дека емпатијата е многу важен елемент од секој сегмент на животот. Емпатијата е клучната состојка од која зависи квалитетот на односите што ги градите со луѓето околу вас. Од степенот на емпатија што ја покажувате зависи колку ќе бидете добри партнери, пријатели, колеги и шефови. Меѓутоа, иако постојат, сочувствителните луѓе се ендемичен вид. Факт е дека секој си го гледа своето. Ретко кој успева да ги тргне своите проблеми настрана и да сочувствува со туѓите. Секој поаѓа од сопствените грижи, притоа, не обрнувајќи ни најмало внимание на грижите што ги мачат другите луѓе.

Живееме во бурно и стресно општество каде што напорното секојдневие е нешто нормално. Со оглед на тоа, покрај сите проблеми што ги имаме, тешко е да мислиме на другите, се согласувате? Тешко е да мислиме на проблемите низ кои минува нашиот пријател, кога сме презафатени со нашите. Тешко е да мислиме на трудот што го вложуваат нашите вработени, кога и самите минуваме низ многу бурен животен период. Тешко е да мислиме на децата од Африка кога и ние самите едвај сврзуваме крај со крај.

Тешко е, никој не вели дека не е. Тешко е да се остане добро човечко суштество во свет кој постојано нѐ разочарува и време кое неуморно нѐ гази. Но, емпатијата не треба да биде недостижен идеал само затоа што нам ни е тешко. Не треба да ја изгубиме сржта на човечкото во нас само затоа што личните проблеми ни наидуваат од сите страни како ужасно цунами кое може да нѐ потопи во секој момент. Не треба да заборавиме да бидеме луѓе. Време е да погледнеме малку подалеку од носот и да поносиме туѓи чевли пред да си купиме нови.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар