Што треба да знаете пред да пробате природни лекови за депресијата?
Депресијата е една од најраспространетите болести. Додека природниот начин на лекување може да звучи примамливо, експертите препорачуваат дека „природните лекови“ не треба да ја заменуваат медицинската интервенција. Природните додатоци и витамини, како што се кантарион, куркума па дури и некои есенцијални масла се покажале како добри за подобрување на расположението, но нивното долгорочно дејство сè уште не е докажано.
Постојат некои докази кои покажуваат дека има алтернативни решенија, како на пример омега 3 масните киселини, но и тоа не е доволно потврдено. Природните лекови не само што не се поддржани со медицински докази, туку можат и да бидат опасни. Луѓето обично сметаат дека кога некој лек е природен мора да биде побезбеден од обичните лекарства. Ова не е секогаш точно бидејќи лековите кои се препишуваат се подложени на тестови за безбедност и се препишани од лекар кој ги знае потребите на пациентот. Од тоа можеме да заклучиме дека „природното“ не е секогаш и „безбедно“. На пример, арсенот е природен, но истовремено и многу опасен. Природните лекови можат да имаат негативни реакции во комбинација со други лекарства. Постојат неколку случаи кога природните лекови, особено кантарионот, негативно влијаеле на терапијата за ХИВ, трансплантација на органи и средствата за контрацепција. Додека оваа билка често се користи за третирање на депресијата, таа може да предизвика синдром на серотонин, опасна акутна состојба.
Природните лекови може да се користат за блага депресија, но во посериозните случаи за пациентите е најдобро да побараат помош од лекар. Луѓето кои страдаат од депресија веќе се изложени на ризик од самоповредување, но оние кои одбиваат медицински третман или пак го заменуваат со природни лекови, се изложени на уште поголем ризик. Ризикот кај луѓето кои ги одбираат природните лекови е тоа што не го добиваат третманот кој е ефективен и нивната депресија може да се влоши. Лековите може да имаат и несакани ефекти, но тие значително ги намалуваат симптомите, особено кај посериозните случаи.
Дури и ако пациентот не се чувствува подобро веднаш по почнувањето на терапијата, професионалната поддршка може значително да го намали ризикот од самоубиство. Ако страдате од депресија, вашата безбедност нека ви биде приоритет, а ова значи барање помош од професионалец и никогаш да не земате „природни“ лекови без претходно советување.
Погледнете и неколку јога пози кои ги намалуваат симптомите на депресија и се безбедни.