Истражувањата откриваат: Читањето ќе ве направи подобродушни
Ако ви треба малку мотивација за да ги довршите последните страници од книгата што сте ја започнале пред 100 години, Универзитетот Кингстон ќе ви помогне да ја пронајдете. Според нивното истражување, луѓето кои читаат книги наместо да гледаат телевизија се однесуваат на „општествено поприфатлив начин“. Со други зборови, читањето навистина може да ве направи подруштвени и подобродушни.
Во истражувањето биле вклучени 123 испитаници кои требало да откријат колку често гледаат телевизија и читаат книги. Резултатите покажале дека оние кои редовно читаат секогаш ги ставаат другите пред себе, што значи дека се несебични. Од друга страна, пак, оние кои маратонски гледаат серии и филмови покажуваат помал интерес за другите луѓе.
Но, внимавајте! Не можете одеднаш да престанете со гледање на серијата „Големи мали лаги“ (Big Little Lies), да преминете на истоимената книга од Лиен Мориарти и да очекувате дека ќе бидете прогласени за најсимпатичната личност што постои. Ако сакате да бидете подопадливи, мора да имате предвид и каков книжевен жанр ќе почнете да читате.
Оние кои читаат фантастични книги покажуваат поголема друштвеност и комуникативност, а оние кои читаат драми и љубовни романи се посочувствителни. Љубителите на експерименталните книги исто така можат да се пофалат со љубезност и добродушност, како и оние кои ги обожаваат хумористичните книги.
„Читањето фантастична проза и комедија е клучот за зголемување на емпатичните способности кај човекот“, изјавиле истражувачите.
Сѐ уште не сте убедени дека треба да ја грабнете онаа дебела книга што фатила прашина на полицата? Во тој случај би требало да знаете дека луѓето чие омилено хоби е читањето се сметаат за попривлечни. Сепак, најдобро би било да не ја спомнувате „50 нијанси сиво“ (50 Shades of Grey) како една од вашите омилени книги, бидејќи тоа делува малку застрашувачки за спротивниот пол.
Доколку сакате да поработите на вашето однесување, но и на врските со луѓето што ве опкружуваат, време е да почнете со читање!
Не знаете која книга да ја одберете? Погледнете кои 5 вида книги ја јакнат интелигенцијата.