Научно докажано: Плацебо ефектот може да го излечи скршеното срце

Научно докажано: Плацебо ефектот може да го излечи скршеното срце

Доколку неодамна сте раскинале со партнерот и не знаете како да продолжите понатаму, можеби ќе ви помогнат овие интересни откритија. Најновите истражувања докажале дека најдобриот начин да го преболите болното раскинување е да се преправате дека сте свртеле нов лист сѐ додека навистина не успеете да го направите тоа.

Научно докажано: Плацебо ефектот може да го излечи скршеното срце

Истражувачите од Универзитетот во Колорадо откриле дека самата верба во преболувањето на поранешниот партнер влијае на деловите од мозокот поврзани со емоционалната регулација и ја олеснува болката што ја чувствувате. Со други зборови, прифаќањето на можноста дека порано или подоцна ќе се чувствувате подобро делува како плацебо ефект.

Истражувачите испитале 40 млади луѓе кои поминале низ неочекувано раскинување во изминатите 6 месеци. Од испитаниците било побарано да донесат две фотографии: Една од нивниот поранешен партнер и една од близок пријател. Луѓето со скршено срце лежеле во машината за функционална магнетна резонанција додека истражувачите им покажувале фотографии од бившите и им поставувале прашања поврзани со нивното раскинување. Потоа, им ги покажале сликите од нивните најдобри пријатели. Освен тоа, на испитаниците им била нанесена и блага физичка болка (жешка дразба на левата рака). Овие дразби се повторувале наизменично и испитаниците требале да кажат како се чувствуваат на скала од 1 (многу лошо) до 5 (многу добро). Во меѓувреме, функционалната МРИ ја следела активноста на нивниот мозок.

Машината покажала дека при емоционалната болка (навраќањето на минатото и гледањето во фотографии од бившите) и физичката болка се осветлувале слични делови од мозокот. Од ова може да се заклучи дека болката во срцето што ја чувствувате по раскинувањето не е во вашата глава, туку е многу вистинска.

Во вториот дел од истражувањето, испитаниците излегле од машината и биле прснати со назален спреј. На половина од нив им било кажано дека спрејот е моќен аналгетик кој ја намалува емоционалната болка, додека, пак, на останатите им кажале дека станува збор за обичен солен раствор. Потоа, испитаниците се вратиле во функционалната МРИ машина и биле изложени на истите болни дразби како и претходно, само што сега плацебо групата почувствувала помала физичка и емоционална болка. Кога ја виделе фотографијата од поранешниот партнер, била забележана намалена активност во деловите од мозокот кои реагираат во случај на одбивање.

„Назалниот спреј со плацебо ефект направи луѓето да се чувствуваат значително подобро додека ги гледаа фотографиите од поранешните партнери“, изјавиле истражувачите.

Ако сакате да го излечите скршеното срце, ова истражување докажува дека вашите претпоставки за тоа каква ќе биде иднината се многу поважни одошто мислите.

„Вие имате контрола врз вашите очекувања по раскинувањето. Кога ќе се соочите со одбивање, има надеж дека ќе најдете ментална стратегија што ќе ви помогне да се справите со тој немил настан најдобро што можете. Мора да имате верба во подобра иднина“, објасниле истражувачите.

Па, доколку моментално страдате од скршено срце, сѐ што треба да направите е да го промените начинот на размислување. Ова е полесно да се каже отколку да се направи, но вреди да се обидете. Задржете го позитивниот став и не губете верба во љубовта колку и да ве повредиле.

Во продолжение прочитајте и зошто патувањето сами околу светот е најдобриот лек за скршено срце.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар