ТВ серија: Низа несреќни настани (A Series of Unfortunate Events)
По загубата на своите родители во мистериозен оган, трите деца Боделер ќе почнат да откриваат темни тајни за своите семејство и да се борат за својот живот
Главни улоги: Нил Патрик Харис, Патрик Варбуртон, Малина Вајзмен, Луиз Хајнс
Жанр: фантазија, авантура, драма
Премиера: 13 јануари 2017
Број на сезони: 1
Времетраење: 50 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Како што можете да видите од самиот наслов на оваа ТВ серија, станува збор за низа несреќни настани што ќе направат да се чувствувате многу непријатно. Тоа е и причината зошто уште на самиот почеток актерот Патрик Варбуртон ги предупредува сите оние што гледаат серии за подобрување на своето расположение да одберат друга приказна бидејќи во спротивно можат да се почувствуваат многу депресивно. Оваа ТВ серија е телевизиска адаптација на книгите со истиот наслов од писателот Лемони Сникет, па ако досега сте имале можност да ги читате, точно знаете за што зборуваме.
Приказната започнува со претставување на децата Боделер – Вајолет, Клаус и Сани. Тие се многу интелигентни, особено за нивната возраст и на прв поглед изгледаат како да имаат сè што сакаат. Тие се среќни и уживаат во својот живот, но сè тоа брзо ќе се смени откако господинот Поу ќе им каже дека во нивната куќа избило пожар и дека родителите им исчезнале. Со зборот „исчезнале“ тој сака да каже дека умреле, но на децата им е јасно дури и пред тој да им објасни. Од овој момент па натаму, децата Боделер ќе влегуваат од една лоша ситуација во друга, секоја полоша од претходната. Иако на моменти ќе ви изгледа како среќата конечно да ги пронашла, тоа ќе биде многу кратко и толку ретко што по неколку епизоди дури и ќе престанете да го забележувате.
Тоа што мораме да го издвоиме кај оваа ТВ серија е неверојатниот перформанс на Нил Патрик Харис, кој најдобро го знаеме по својата улога како Барни во „Како ја запознав мајка ви“. Како главниот негативец во приказната, имаме можност да го видиме во сосема поинакво светло – што е одлично, бидејќи тој постојано ќе успева да ве наежи со своите злобни планови и постапки, правејќи го животот на децата Боделер вистински пекол. Имајќи го ова на ум, ќе ве предупредиме уште еднаш – ако барате среќен крај, подобро не почнувајте да ја гледате оваа ТВ серија! Но, ако сте подготвени за ролекостер од непријатни и негативни емоции, нема да бидете разочарани.