Бруталната вистина за „платонските“ врски
Кога ќе се запознаат дечко и девојка, потребни се околу 3 минути за да откријат дали постои физичка привлечност меѓу нив. Дали мислите дека е возможно да постои платонско пријателство помеѓу маж и жена кои физички се привлекуваат меѓусебно? Нормално дека од секое правило постојат исклучоци, но за повеќето луѓе веројатно одговорот би бил „Не“. Но, зошто е тоа така?
Да бидеме искрени: Кога мажот смета дека некоја жена е привлечна, тој е подготвен да стори сѐ што е потребно за да оствари физички контакт со неа. Тоа не значи дека мажите не се способни да одолеат на искушението предизвикано од физичката и сексуалната привлечност, но идејата секогаш ќе им биде присутна во глава, свесно или несвесно. Можеби дури и самите сте се увериле во тоа ако сте му „пуштиле водичка“ на вашиот најдобар пријател кој отсекогаш ви велел дека ве гледа како помала сестра.
Вистината е дека мажите го обожаваат сексот. Тие обожаваат и други работи, но сексот дефинитивно им е многу важен. Мажите веруваат дека жените би можеле да бидат во платонска врска со маж, но за нив тоа не функционира така. Сепак и за жените платонското пријателство со маж не е толку лесно колку што изгледа.
И кај жените се јавуваат истите мисли во глава кога ќе запознаат некој маж. И ним им се потребни само 3 минути. Во зависност од разговорот и хемијата во текот на тие 3 минути, жените одлучуваат дали би можеле да го замислат тој човек како нивен иден партнер.
На почетокот тие можеби навистина го сметаат мажот само за пријател, а не за потенцијален партнер, но мора да се земе предвид фактот дека порано или подоцна, жените имаат тенденција да се приврзуваат емоционално. Сепак, кај жените тоа се изразува поинаку. Тие понекогаш ги потиснуваат нивните вистински чувства и не ги покажуваат на мажите. Но, тоа не значи дека немаат задни намери кога станува збор за пријателството со спротивниот пол, исто како и мажите. И кај нив пријателството не е строго платонско иако можеби не помислуваат на секс. Сите жени барем еднаш си замислиле каква би била љубовната врска со нивниот најдобар пријател. Тоа кажува повеќе од доволно.
Вистинското прашање е дали мажите и жените треба да имаат строго платонско пријателство, ако тоа подразбира потиснување на вистинските емоции? Како што веќе споменавме, ова не важи за сите, но важи за поголемиот број од случаите.
Ако имате среќа ќе завршите и со најдобар пријател и со партнер. Нема подобра комбинација од пријателство и љубов Но, не заборавајте дека единственото нешто што е полошо од тоа да ви се допаѓа вашиот пријател од спротивниот пол е да се преправате дека тоа не е така. Бидете искрени и со себеси и со другите и не плашете се од вашите чувства. Ризикот дека ќе изгубите драгоцено пријателство е голем, но наградата што можете да ја добиете поради храброста е уште повредна.
Доколку сепак одлучите да го зачувате пријателството со лице од спротивниот пол, прочитајте како може да се оствари успешно пријателство меѓу машко и женско.