Поучна приказна: Зошто професорот им направил кафе на студентите?
Група поранешни студенти, сега веќе успешни луѓе, се собрале и отишле на гости кај нивниот професор од факултет. Разговорот брзо прераснал во жалби за уморот, исцрпеноста, стресот на работа, проблемите во семејството и во секоја друга животна област. Професорот ги слушал со големо внимание и разбирање.
„Мислам дека ви треба шолја добро кафе“, рекол професорот и се повлекол во кујната.
Се вратил со голем лонец од каде што се ширела неодоливата арома на кафето и со цел сет шолји. Секоја шолја била различна. Имало порцелански, пластични, стаклени, хартиени, кристални, керамички… Некои изгледале скапоцено како да дошле од замокот на последниот кинески цар, други биле сосема обични, а трети, пак, делувале целосно уништени и евтини.
„Послужете се“, рекол професорот.
Кога сите поранешни студенти имале шолја во рака, професорот забележал:
„Убавите и скапоцени шолји за секунда ви го привлекоа вниманието. На масата останаа грдите, обични и евтини шолји. За себе го сакате само најдоброто, а токму тоа е вашиот извор на стрес. А сепак, изгледот на шолјите не влијае на вкусот. Поубавите работи се обично само поскапи, а понекогаш дури и го заматуваат она што го пиеме. Она што вам ви е потребно е добро кафе, а не шолја. Сепак, сите посегнавте по најдобрата, а потоа продолживте да ги меркате туѓите шолји.“
Професорот направил кратка пауза, а поранешните студенти го слушале внимателно без да трепнат.
„Кога ќе заглавите во вртлогот на стресот и незадоволството, сетете се дека кафето е како животот. Работата, парите и статусот во општеството се како шолјата. Шолјата ниту го дефинира, ниту го менува квалитетот на животот што го живееме. Понекогаш, додека се концентрираме само на шолјата, забораваме да уживаме во кафето. Најсреќните луѓе го немаат најдоброто, туку го извлекуваат најдоброто од секоја можна ситуација. Живеат едноставно, говорат љубезно и љубат великодушно“, завршил професорот и се напил кафе.
По оваа средба, поранешните студенти го смениле својот поглед кон работите и почнале да ги ценат вистинските нешта во животот.