Филм: Асасинс крид (Assassin’s Creed)
Затвореник осуден на смртна казна, истражувајќи ги сеќавањата на својот предок открива дека е наследник на тајно друштво убијци
Режија: Џастин Курцел
Улоги: Мајкл Фасбендер, Марион Котилард, Џереми Ајронс
Времетраење: 115 минути
Премиера: 21 декември 2016
Јазик: англиски
Жанр: акција, авантура, фантазија
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Љубителите на видео играта со истото име, што е инспирација за овој филм, во ниту еден случај нема да бидат разочарани. Од друга страна пак, оние што не се запознаени со приказната во играта, со сигурност ќе бидат позитивно изненадени. Дали филмот може да биде подобар? Секако. Секој филм има свои маани. Но, во овој случај слободно можеме да кажеме дека сме задоволни со тоа што го гледавме.
За оние што веќе се запознаени со светот на „Assassins’ Creed“, уште веднаш да ве предупредиме дека станува збор за сосема нова приказна. Иако основата е иста, како и дел од ликовите, ќе имате можност да гледате нов тек на развивање на настаните. Ова е целосно нов универзум во кој постои добро познатото тајно друштво на убијци, чиишто што креатори решиле да започнат со свеж почеток при раскажување на приказната за да ја одвојат од онаа во видео игрите.
Да преминеме на главното дејство. Сè што треба да знаете е дека постои револуционерна технологија што може да ја отклучи генетичката меморија, а со тоа и да им даде шанса на луѓето да го истражуваат животот на своите предци. Водена од желбата да го истреби насилството на планетата, научничката Софија (Марион Котилард), го пронаоѓа Линч (Мајкл Фасбендер) – директниот наследник на Агилар, водач на тајното друштво убијци и заштитник на јаболкото за кое се верува дека ја содржи мапата на човечкиот генетски код.
Преку Анимус, Линч се синхронизира со умот на Агилар и го доживува сето она низ што поминал неговиот предок во 19-от век. Тој е фрлен во центарот на битката помеѓу Убијците и Темпларите, и малку по малку дознава зошто постоењето на тајното друштво убијци е од неизмерна важност за опстанокот на човештвото. Притоа, тој добива неверојатно знаење и способности, што ќе доведат до заземање на неговото место во редот на убијците.