Имате сува кожа? Овие 8 работи може само дополнително да ви ја влошат ситуацијата
Повеќе луѓе имаат лоши навики кога станува збор за негувањето на кожата, било тоа да е резултат на погрешни информации или пак, само на чиста мрзеливост. Но, треба да ја сфатите оваа ситуација посериозно и да вметнете нови навики. Без разлика каква е вашата кожа, дали е мрсна, сува, комбинирана или чувствителна, таа ќе ви биде благодарна доколку ги изберете вистинските производи за неа. Сувата кожа е особено проблематична. Таа се појавува кога вашата кожа не може да ја задржи природната влага, а исто така е и склона кон акни. Затоа, треба да ѝ пружите соодветна нега, а во прилог на тоа треба да избегнувате работи кои само може да ви ја влошат ситуацијата. Во продолжение погледнете што може да биде штетно за вашата кожа и во иднина трудете се да ги отстраните овие навики.
1. Избирате хидратантна крема што не е добра за вашата кожа
Ако мислите дека хидрирањето е важен чекор во грижата за вашата сува кожа, тогаш сте во право. Но доколку ситуацијата ви се влошува, тоа може да биде знак дека сте избрале погрешна хидратантна крема. Како и секогаш, производот што го користите треба да има состојки кои се научно докажани дека се ефективни. Доколку се борите со проблемот на сува кожа, треба да бидете особено внимателни кога купувате производи.
2. Не ја штитите кожата при изложување на сонце
На сите ви е познато дека треба да се заштитувате од сонцето, но тоа е особено важно и кога станува збор за сувата кожа. Дури и најдобрата крема нема да биде во можност да ги спречи штетните ефекти. Постојаното изложување на сонце ѝ штети на вашата кожа и ја намалува нејзината способност да ја задржи влагата. Затоа, изберете соодветни производи и бидете внимателни во текот на целата година.
3. Ја триете кожата
Чистењето на кожата со производи кои се премногу груби, само може да ви го зголеми проблемот со сувата кожа. Секогаш подобар избор се нежните, отколку грубите производи за ексфолијација кои само ќе ја оштетуваат површината на вашата кожа.
4. Чистење со груб сапун или средство за сушење
На некој начин, треба да ја чистите вашата кожа. Но, грубиот сапун или средството за чистење кое ја суши вашата кожа, нема да ви донесе ништо добро, туку напротив, може да ви ја влошат ситуацијата со сувата кожа. Наместо ова, побарајте производи кои се нежни, но истовремено и ќе ја хидрираат вашата кожа. Додека сте во процес на менување на вашата рутина, обрнете внимание на тоа како се менува вашето лице и тело.
5. Туширање со премногу жешка вода
Едноставно не е добра идеја да се туширате долго со жешка вода, доколку вашата кожа е сува. Наместо ова, обидете се да ја намалите температурата на водата и да се туширате пократко време. Но, доколку не можете да се откажете од оваа навика, тогаш веднаш штом ќе излезете од бањата ставете си хидратантна крема на целото тело. Така ќе ѝ помогнете на кожата да ја поврати влагата која ја изгубила при туширањето.
6. Користите производи кои ја иритираат вашата кожа
Доколку сте дел од оние среќниците кои имаат нормална кожа, тогаш најверојатно не се грижите околу тоа какви производи користите. Но, тоа дефинитивно не треба да ви се случи ако се соочувате со проблемот на сува кожа. Чест виновник за иритирањето е мирисот, без разлика дали е природен или синтетички. Внимавајте и на такви производи кои вклучуваат алкохол, нане, ментол и слични работи кои може да бидат безопасни за балансираната кожа, но секако се штетни за сувата.
7. Ги игнорирате маслата за лицето како опција за навлажнување
Секој кој се соочил со борбата со акни најверојатно го отстранил маслото за лице од употреба. Но, доколку имате сува кожа, токму тоа е она што може да ви помогне да ја направите помека и помазна. Можете да го користите само него, да го менувате со кремата или да го нанесете пред хидратантната крема. Значи, време е да размислите за маслата како дополнителен чекор за да ја подобрите негата на вашата кожа.
8. Ја игнорирате сувата кожа со цел да ги третирате акните
Чиста заблуда е дека е невозможно да се има сува кожа и акни. Но, тоа се случува. Ако се соочите со ваква ситуација, тогаш треба да експериментирате за да ги најдете производите кои ви одговараат и врз основа на тоа да ја прилагодите вашата дневна рутина. Најлошото што можете да го направите во овој случај е да ја игнорирате сувата кожа, со цел да ги лекувате акните. Што и да правите, избегнувајте да користите состојки кои се премногу груби и несоодветни за вашата кожа.