5 глаголи кои ќе го променат вашиот љубовен живот
Честопати, луѓето имаат погрешно сфаќање за зборот „сака“. Сакањето го гледаат како состојба на ентузијазам и возбуда. Но, „сака“ е глагол, а глаголите се динамични. Означуваат дејство и намера. Доколку се фокусирате на следниве 5 глаголи, ќе можете значително да ја подобрите вашата моментална врска и да имате поуспешен љубовен живот во иднина. Не морате сите одеднаш да ги примените. Започнете со оние што ви претставуваат најголеми потешкотии. Следниве 5 глаголи ви се сигурно многу добро познати, но никогаш не сте им обрнале доволно внимание. Прочитајте за што станува збор…
1. Давајте
Преку процесот на давање, ќе можете да направите вашата сакана личност да се чувствува посебно, сакано и значајно. Доколку сметате дека не давате доволно, тоа е така затоа што никогаш не сте имале некој кој ќе ги исполни вашите потреби, па сте морале постојано да го правите тоа самите. Мислите дека ако дадете, ќе изгубите нешто. Треба да ви стане пријатно чувството додека давате, а тоа ќе го постигнете само доколку постојано се обидувате да давате, без да очекувате ништо за возврат. Давањето е и одличен антидепресив. Кога давате, добивате чувство дека имате. Давањето ќе ви даде моќ да ја зацврстите вашата врска. Тука не станува збор за големи и скапи подароци. Ситниците вредат многу повеќе. Редовно купувајте му го омиленото вино на партнерот, измасирајте го доколку е уморен. Треба да го давате вашето време и внимание. Истото важи и за сексуалниот живот. Не треба да давате за да добиете. Давањето треба да е поттикнато од вашата самодоверба и дарежливост, а не од вашата несигурност и чувство на обврска.
2. Прифаќајте
Познати ви се оние луѓе кои не знаат да прифатат комплимент? Некои луѓе постојано добивале работи затоа што некој очекувал нешто од нив. Токму затоа сега им е тешко да веруваат дека некој сака да направи нешто за нив безусловно и без никакви задни намери. Дали кога ќе добиете нешто, како на пример комплимент, подарок или убав гест, се чувствувате како да сте останале должни? Во тој случај, мора да вежбате да прифаќате работи. Прифаќањето значи дека верувате некому и знаете дека тој се грижи за вас затоа што ве сака, а не затоа што му треба услуга. Врската не може да биде целосно искрена доколку на едната или двете страни не им е пријатно да добиваат работи.
3. Земајте
Мажите се научени да го земаат она што им треба, да бидат сексуално наметливи. Жените, пак, се програмирани да мислат дека она што ќе им го даде мажот е она што треба да го добијат. Но, тоа не функционира така. Понекогаш, мажот не знае како да ја задоволи жената. Понекогаш го знаете тоа само вие самите и треба да го споделите вашето знаење за да го земете она што ви треба и да можете да доживеете сексуален развој. Наметливоста е важна особина на работното место бидејќи ги зголемува шансите за унапредување, но исто толку важна е и во спалната. Но, постои разлика помеѓу тоа да се биде наметлив и агресивен. Наметливоста потекнува од чувството дека нешто ви припаѓа и треба да си го земете. Агресивноста е употреба на вашата моќ за да земете нешто. Најголемото сексуално незадоволство на жените потекнува од нивната потреба партнерот да забави малку и да ги допира повеќе. Тие сакаат и заслужуваат да му одземат малку повеќе време на партнерот. Поради тоа, доволно е да бидат само малку наметливи и да му дадат до знаење на саканиот дека би сакале подолго да уживаат во неговите допири и бакнежи. Земањето и барањето одат рака под рака и треба да ги практикувате во комбинација.
4. Одбивајте
За жал, некои работи не се менуваат така лесно. Жените многу често се доведуваат во ситуација да прават еден куп работи во кревет што не им се допаѓаат затоа што не знаат како да кажат „не“. Во ред е да одбиете нешто. Жените прифаќаат многу работи за да не ги повредат чувствата на партнерот или за да не ја изгубат неговата љубов. Можеби навистина повеќе ќе му се допаѓате ако правите сѐ што ќе побара од вас, но вие нема да си се допаѓате самите на себе. Клучот за добар секс и успешна врска лежи во кажувањето „не“ на начин кој нема целосно да ја затвори можноста за нови искуства. Обидете се да кажете нешто како „Би сакала да пробам нови работи, но ако не ми се допаѓа, не сакам да продолжиме“ или „Не ми е пријатно вака, можеби треба да се обидеме со нешто друго“. Треба да научите да велите „не“ така што нема да ја повредите саканата личност. Мора да поставувате одредени граници во врската. Понекогаш тоа „не“ се однесува на моменталната ситуација, понекогаш на начинот. Но, во секоја врска мора да знаете до каде можете да одите.
5. Играјте си
Многу е важно доколку партнерите можат да се шегуваат и да си играат заедно. Уште во детството, ние се зближуваме со другите луѓе преку играта. На тој начин учиме како да им веруваме на другите и да преземаме ризици. Преку играта дознаваме колку си одговараме со некого. Дали ги прекршува правилата? Дали се лути кога губи? Дали е добар противник? Играта ви дозволува да ја разбудите вашата креативност и да сонувате заедно, како и да заборавите на сите обврски и проблеми во реалниот живот. Се шетате во паркот и одеднаш го фаќате за рака и почнувате да одите наназад. Се смеете повеќе одошто треба на оваа глупост. Ова е многу важно и за сексуалниот живот. За да ја одржите страста помеѓу чаршавите треба да бидете разиграни и непредвидливи. Нема поголема слобода од тоа целосно да се препуштите на моментот и да заборавите на вашите грижи покрај некого. Паровите кои се жалат дека им е здодевно, престанале да си играат заедно. Преку смеата и будалестото однесување партнерите создаваат сеќавања и авантури. Тоа е јаготката на шлагот за секоја успешна и здрава врска.