Балерината
Автор: Софија
(поднесено преку „Предложи содржина“)
Пред да застане на сцената, нежно помина со рацете по долгиот стаклен лустер, изработен од квалитетни ситни кристали. Потоа вдиша длабоко, се поткрена на прсти и застана на сцената. Во бел фустан, кој и ја оцртуваше контурата, грациозно танцуваше на „Лебедово Езеро“. Газеше по темниот под, како чиниш, по облаци. Сè се затемни. Само едно мало светло остана да ја придружува на сцената. Светкаа нејзините очи. Криеја љубовна приказна. Почна диво да се крева на прсти и вешто да го превиткува телото. Се претвори во грациозно суштество, ги магепса мажите и створи завист во срцето на секоја жена. Се издигна до божица. Само таа, на големата сцена владееше. Во дланките стегаше живот, а од градите испушташе купови енергија. Корсетот ù ги стегаше градите, како скудно лимоново дрво и кога ја издигнуваше главата нагоре, како стебло од изникнат багрем, нежно се оцртуваше вратот. Див лебед ја освои сцената и со секое наредно движење се влажнеа безброј очи за уште и уште.Наеднаш светлата се запалија и музиката заврши. Таа застана и се скамени. Во првиот ред го виде него. Грмнаа аплаузи, а таа се тресеше како рака на нововработен хирург. Тој почна да ја соблекува. Со поглед и ги сечеше прерамките и ù го спушташе фустанот. Се почувствува како гола да стои пред странец, а тој лакомо ја љуби, ја експериментира, ја превртува.
Светлата се гасат. Изнемоштена, снагата и свенува, се врти кон стаклениот лустер, со поглед го допира. Потоа го гледа него, а до него друга. За последен пат, во темницата им се сретнуваат погледите. Тој ја затвора, ја здиплува, ја остава.
Завесите се спуштаат.
Сакате и вашиот текст да биде објавен на Кафе пауза? Пишете ни.
——————————————————————————————————————————————————————-
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.