Тој исчезна и повторно се врати: Треба ли да му простите?

Тој исчезна и повторно се врати: Треба ли да му простите?

Кога одредено време сте со некого и потоа тој ненадејно ќе исчезне, во вашата глава се појавуваат илјадници мисли зошто токму ова момче за кое мислевте дека целосно ви е посветено вам, одеднаш исчезнува. Можеби нешто му се случило, се отселил од државата или пак го изгубил телефонот со сите негови контакти, а и нема пристап до Интернет… Барем така се обидувате да ја пронајдете вистинската причина, сѐ до моментот кога тој одлучува да се врати во вашиот живот, обидувајќи се повторно да ги започне работите од почеток. Во вакви моменти истовремено чувствувате и возбуда и бес. Зошто тој мисли дека сето ова време сте го поминале чекајќи го? Ако има добар изговор зошто го направил ова, тогаш можеби ќе се обидете да ги вратите работите на старото место, но ако не ви понуди вистинско оправдување, тогаш тоа е уште повеќе иритирачко. Ако и вие сте се соочиле со некоја ваква ситуација, тогаш погледнете ги овие неколку совети кои ќе ви помогнат да се справите со ваквите момчиња.

Тој исчезна и повторно се врати: Треба ли да му простите?

1. Дознајте што се случило

Ако некое момче исчезне и потоа се врати без какво било објаснување, тогаш треба да му извршите притисок за да го дознаете одговорот. Ваше право е да знаете зошто тој одеднаш исчезнал. Сепак, дајте му време да ви ја каже причината, не настојувајте премногу, затоа што можеби имало некоја сериозна ситуација за којашто не сака да зборува. Како и да е, оној кој ве почитува нема да ве остави да си поставувате еден куп прашања, туку во вистинското време ќе ви го каже својот изговор, па вие да можете да донесете одлука за тоа дали ќе му простите или не. Доколку и по неколку денови тој сѐ уште не ја започнува оваа тема, тогаш наместо да се лутите, настојувајте да се сретнете и лице в лице да се обидете да го извлечете одговорот. Ако тоа што ќе ви го каже не ви изгледа како вистинско оправдување, тогаш најдобро е веднаш да ги прекинете вашите односи. Нема потреба да го подарувате своето време некому кој не знае да го вреднува.

2. Одлучете дали во вашиот живот сѐ уште постои простор за него

Доколку неговиот изговор ви одговара, сѐ уште сте сингл и навистина заинтересирани за него, тогаш имате можност да изберете дали сакате да останете со него или не. Но, длабоко во себе секогаш ќе знаете дека тој може повторно да исчезне, па потешко ќе биде да вложувате во вашата врска кога веќе еднаш сте биле оставени. Од друга страна пак, во тие моменти може да сфатите дека сте целосно незаинтересирани , па учтиво да му признаете дека повеќе не сакате ништо со него. Би можеле да му вратите на истиот начин, но секогаш подобра идеја е да не се симнувате на негово ниво. Секако, воопшто не е пријатно чувството кога ќе бидете оставени, но тоа и не е најлошото нешто што може да ви се случи. Па, доколку нема место за него во вашиот живот, пуштете го и продолжете напред.

3. Дајте му до знаење дека треба да ја докажува својата љубов

Доколку сепак се одлучите да му дадете шанса на момчето кое еднаш веќе исчезнало, тогаш кажете му дека ќе треба да ја докажува и покажува својата љубов на многу потежок начин отколку првиот пат. Тоа може да наликува на мала игра, но сепак, треба да бидете сигурни во неговите намери и чувства пред повторно да се впуштите во врска. Во повеќето ситуации не треба да им се простува на овие личности, но доколку чувствувате дека тој е вистинскиот, тогаш ова и не е лоша идеја. Но, затоа, направете тој да треба постојано да ви ги покажува своите чувства, за да ве увери дека тоа не е само трошење време.

Тој исчезна и повторно се врати: Треба ли да му простите?

4. Имајте предвид дека може да се случи повторно

И покрај тоа што вториот пат може да ви изгледа чесен и искрен, тоа не значи дека треба да се заборави минатото. Ако веќе еднаш исчезнал, има шанси повторно да го направи тоа, иако го вели спротивното. Затоа, секогаш бидете свесни за ова, барем сѐ додека без сомнение не ви покаже дека вие сте единствената за него. На овој начин ќе имате и поголема контрола врз своите чувства.

5. Бидете сигурни дека сте спремни вистински да му простите

Најчестата причина поради која некој исчезнува е затоа што тој не е заинтересиран за вас, а ова секако не е ваша грешка. Но, доколку некој реши да се врати, тогаш постои некоја шанса тој да има вистински чувства за вас, но од одредена причина не можел да се справи со нив. Доколку се одлучите да бидете повторно со него, тогаш важно е да бидете спремни вистински да му простите. Доколку не можете да преминете преку ова, тогаш понатаму во вашата врска ќе имате проблеми, пред сѐ поради тоа што нема да имате доволно доверба во него и секогаш ќе мислите дека може повторно да исчезне.

Ова не треба да ве наведува на тоа дека сите момчиња кои исчезнуваат и повторно се враќаат имаат несериозни намери, но, не впуштајте се во повторна врска доколку не бидете сигурни во чувствата од двете страни, затоа што повеќе боли кога два пати ќе го добиете истиот удар.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар