Нова едиција во издание на Паблишер

Нова едиција во издание на Паблишер

Издавачката куќа Паблишер со големо задоволство ја претставува својата последна книжевна едиција поддржана од програмата Креативна Европа на Европската унија. Оваа едиција, која ја карактеризира разнообразност и мултикултуралност, се состои од шест извонредни романи на помлади европски писатели, препознаени и прифатени како од стручната, така и од пошироката читателска јавност. Поголемиот дел од авторите застапени во неа сега всушност ги доживуваат своите први преводи на македонски јазик.

0-nova-edicija-vo-izdanie-na-pablisher-kafepauza.mk

Целта на овој проект е домашните љубители на книгата да се запознаат со навистина високо-квалитетните книжевни дострели на новите, оригинални гласови на европската книжевна сцена, но и на нив самите да им се овозможи пристап кон разновидна читателска публика, вон границите на нивните матични држави. Издавачката куќа Паблишер се надева дека на овој начин ќе може да понуди барем скромен придонес кон благородното настојување да се поттикне транснационалната размена на уметнички идеи и добра, а со тоа и меѓусебното збогатување и зближување на европските народи и култури.

Око црвено на Јонас Хасен Кемири

1-nova-edicija-vo-izdanie-na-pablisher-kafepauza.mk

Петнаесетгодишниот Халим, дете на марокански родители родено во Стокхолм, секојдневно води дневник кој претставува жива слика на неговата збунетост од светот и потрагата по сопственото место во него. И како да не му е доволно прекршувањето меѓу шведскиот и арапскиот менталитет, го погодуваат и пубертетски маки, проблеми во училиштето и вљубувањето. Пловејќи низ животот и трудејќи се да не се удави во болните спомени за мајка си, Халим се справува со сето тоа како што знае и умее. Си зацртува две цели: да ја освои Марит и да ги сочува своите корени, да се спротивстави на „пошведувањето“ и интеграцијата во општеството кое не го доживува како свој културен простор. Но претставата што овој тинејџер роден во Шведска ја има за арапскиот свет е, всушност, стереотипна и западњачка претстава за Ориентот.

Но набрзо ќе ја проѕре суровоста на светот и апатијата на својот татко, кој се откажал од Борбата. И кога ќе сфати на кој начин моќта на Алах е поврзана со судбината и зошто интелектуалците личат на куци камили, Халим кове план: да стане најмоќен револуционерен црноглавец во Шведска и мислечки султан кој ќе ги открие тајните кодовите и ќе ги освои најубавите женски…

Црна и сребрена на Паоло Џордано

2-nova-edicija-vo-izdanie-na-pablisher-kafepauza.mk

Третиот роман на Паоло Џордано, Црна и сребрена, раскажува за интимниот живот на едно модерно младо италијанско семејство, кое доживува криза по смртта на старата помошничка и дадилка на детенцето на семејството. Госпоѓа А. е повеќе од домашна помошничка, таа е стожер на семејството, единствениот сведок на врската што ги спојува.

Црна и сребрена е меланхолична љубовна приказна, раскажана со префинет и интимен јазик и – за првпат во творештвото на авторот – во прво лице. Џордано се сосредоточува на надворешните подробности, меѓутоа ги користи за да со нив ги долови внатрешните светови на своите ликови, нивните заемни односи и стравови. Кога семејството ќе ја загуби госпоѓа А., ненадејно доживува чувство на празнина што не може да се пополни. Но младата двојка допрва треба да согледа дека нивната сила веќе е дел од нив.

Разговори со себеси на Андрес Нуман

3-nova-edicija-vo-izdanie-na-pablisher-kafepauza.mk

Лито има десет години и е речиси сигурен дека, ако доволно се концентрира, може да ја промени климата. Неговиот татко Марио е тешко болен и прави магнетофонска снимка за да му остави некакво сеќавање на својот син. Пред да биде предоцна, Лито и Марио заминуваат на патување со семејниот камион, на кое ќе споделат многу повеќе освен времето што ќе го поминат заедно… Нарацијата во овој сложен, но прекрасно напишан роман се движи помеѓу текот на свеста на Лито, дневниците на мајка му Елена и снимките на Марио – секој од овие три гласа го отелотворува начинот на кој разговараме со себеси: преку говор, преку мисла и преку писмо. Разгледувајќи ја вечната релација меѓу Ерос и Танатос, приказната за семејството на Лито поставува многу важни прашања, особено поврзани со загубата на најблиските, со која сите ние сме принудени да се соочиме во еден момент од животот.

Во Разговори со себеси Андрес Нуман слика нежен и истовремено несентиментален портрет за начинот на кој функционираат љубовта и семејството. Вештината со која го прави тоа оправдано го вбројува меѓу најголемите имиња на современата литература на шпански јазик.

Азилант на Арнон Грунберг

4-nova-edicija-vo-izdanie-na-pablisher-kafepauza.mk

Кристијан Бек е преведувач на упатства за употреба од Готинген, Германија. Неговата тешко болна девојка, Птичка, изразува желба да се омажи со барател на азил од Алжир со цел му помогне да добие дозвола за престој. Бек веќе подолго време не се грижи многу за своите потреби и воопшто не се противи на идејата азилантот да спие во ист кревет со неговата девојка. Настаните што го доведуваат до оваа состојба се одигруваат во она што самиот го нарекува поранешен живот, кога тој и Птичка живеат во Елиат, Израел. Таму тој е писател кој има цел да ги демаскира човековите илузии. Неговата обземеност го доведува до чин на злосторство во локалниот бордел каде тој е секојдневен посетител. Бек ја презема одговорноста, но нема потреба да оди в затвор…

Дневник на едно неверство на Емилиос Солому
(Добитник на Наградата за книжевност на Европската унија)

5-nova-edicija-vo-izdanie-na-pablisher-kafepauza.mk

Јоргос Дукарелис, археолог и професор на Универзитетот во Атина, дваесет години по археолошките ископувања што го прославиле и засекогаш му го смениле личниот и професионалниот живот, повторно доаѓа на островот Куфониси, на Малите Киклади. Тој сака да оствари уште едно ископување, но овој пат тоа треба да биде спроведено во внатрешноста на неговата душа. На својата прошетка по пределите каде што некогаш престојувал, низ спомените, меѓу невидливите нишки што го сврзуваат со три жени кои доаѓаат од различни временски периоди – од многу далечното минато, од неодамнешното време и од сегашноста – чекорејќи под сонцето на Егејот, помеѓу карпите, по штурата неплодна земја, по морето и бескрајното синило, тој ќе се обиде да си го среди животот потсетувајќи се на сите драматични настани од она судбоносно лето…
Роман за неумоливото течење на времето, за стареењето и вечното паметење, за страсната вљубеност и неверството. Роман во кој храбро се чекори помеѓу минатото и сегашноста при смелиот потфат за нивно целосно соединување.

Во шумата на Тана Ференч

6-nova-edicija-vo-izdanie-na-pablisher-kafepauza.mk

Во една летна вечер 1984 година, во мало предградие на Даблин се случува ужасна трагедија. Три деца одат да си играат во блиската шума, а две од нив ќе исчезнат и никогаш повеќе нема да бидат пронајдени. Полицијата успева да спаси само едно од децата, повредено и преплашено, кое не може да се сети што се случило во шумата.

По дваесет години, во истата шума се случува ново злосторство. А Роб Рајан, преживеаното момче од првата трагедија, сега има нов идентитет и работи како детектив во даблинската полиција. Тој и неговата партнерка почнуваат да го истражуваат новиот случај, поврзан со свирепо убиство на тинејџерка. Откривајќи ги тајните на жртвата и на нејзиното чудно семејство, детективите полека откриваат детали и за стариот случај. Со секоја нова трага, сеќавањата на Роб пополека излегуваат на површина и неизбежно го водат назад во шумата.

Првиот роман на Тана Френч, младата ѕвезда на современата ирската книжевност, е исклучителен психолошки трилер кој се занимава со темнината што се крие под површината на животот на обичните луѓе. Напнатата атмосфера и комплексноста на ликовите ќе го одведат читателот на едно сурово патување низ сложената мрежа на злото, но и многу подалеку, сè до она што никогаш не може да се објасни.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Остави коментар