Трогателни исповеди на девојки кои раскинале со љубовта на нивниот живот
Обично луѓето веруваат дека кога ќе дојде крајот на долгогодишна врска, потешко му е на оној кој е оставен, на оној кому му е соопштена одлуката за раскинување и не може да направи ништо друго освен да ја прифати. Но, вистината е дека најтешко му е на оној кој мора да ја донесе таа одлука, особено ако нема очигледна причина и ако љубовта сѐ уште постои. Сите знаеме дека љубовта не е доволна. За да функционира една врска потребно е разбирање, почит, лојалност и доверба. Ако недостасува барем една од овие работи, колку и да е голема љубовта, крајот е неизбежен. Понекогаш самите околности наметнуваат да дојде до раскинување, а на оној што е посилен во врската останува товарот да пресече. Зошто товар? Тој треба да собере сила и да го направи неопходното. Оној кој раскинува е „виновникот“ кој се откажува од врската и крева раце кога повеќепати решаваниот проблем никако не исчезнува. Станува збор за одлука која воопшто не е лесно да се донесе и веројатно е размислувана милион пати. Во продолжение прочитајте ги следниве трогателни исповеди на неколку девојки кои биле принудени да се соочат токму со оваа ситуација…
„Раскинав со моето долгогодишно момче, бидејќи почнаа да ми се раѓаат чувства за еден од моите колеги. Не го изневерив, но почнав да го лажам и знаев дека тоа не е фер ниту кон него ниту кон мене.“ – Ема, 25
„Морав да ставам крај по три години врска. Тој беше љубовта на мојот живот, но имавме многу малку заеднички работи. Полека почнавме да се оддалечуваме. Не беше негова вина. Само знаев дека нашата љубов не беше доволна за да ги среди неизлечливите проблеми во врската.“ – Викторија, 29
„Раскинав со него пред да ме побара за жена. Отсекогаш сум мислела дека ќе се венчаме, но кога ме праша дали сакам да се омажам за него, се стаписав. Се двоумев. Тогаш сфатив дека тоа не е она што го сакам.“ – Вероника, 24
„Сакав да се преселам во голем град. Тој го обожаваше селото. Бевме целосно спротивни. Раскинав со него пред да се преселиме заедно. Се обидов да живеам во неговото родно село, но воопшто не припаѓав таму.“ – Мери, 30
„Му го скршив срцето кога прекинав. Тој беше мојата прва љубов и моето сѐ. Но, јас требаше да тргнам на факултет и знаев дека на некој начин тој ме спречуваше да го остварам целиот мој потенцијал.“ – Кристина, 23
„Јас и мојот сопруг се разведовме по 3 години брак. Отсекогаш знаев дека тој има проблеми со контрола на бесот, но една вечер тоа ескалираше и тој ги надмина границите. Уште веднаш се спакував и никогаш не се свртив назад.“ – Лиле, 35
„Раскинав со него затоа што знаев дека неговите родители не ме сакаат. Дури и ме презираа. Тие беа против мојата религија, моите верувања и секојдневни избори. Знаев дека нему не му е грижа што мислат тие, но мене ми беше.“ – Силви, 21
„Раскинав со него откако го видов излезен со неговите другари една вечер. Изгледаше толку искрено среќен. Никогаш не се смееше така кога беше со мене. Никогаш не се забавуваше толку. Знаев дека не ме сака исто толку колку што јас го сакав него и морав да прекинам.“ – Ребека, 27
„Мислевме дека ќе бидеме заедно засекогаш. И јас навистина верував дека ништо нема да може да нѐ раздели. Но, друга девојка му го привлече вниманието. Една вечер го следев кога ми кажа дека оди да стави бензин. Таму беше таа. Со него. Во мојот автомобил. Никогаш не му кажав дека сум го видела, само заминав.“ – Сандра, 22
„Знаев дека ме сака со целото негово срце. Му бев прва девојка. Со мене ја изгуби невиноста. Но, со текот на времето, тој стана премногу опсесивен. Не можев ништо да направам без него, ми дојде премногу. Знаев дека не мисли ништо лошо, но ми стана товар.“ – Кате, 23
„Го сакав повеќе од сѐ на светот, а знаев дека и тој ме сака мене на истиот начин. Токму затоа и бев подготвена на еден куп компромиси и жртви само за да успее врската. Но, тој не ме прифаќаше целосно таква каква што сум. Беше против моите интереси, одлуки, мислења и пријатели. Неговиот начин на размислување беше толку многу поразличен од мојот, што никогаш не можеше да ме разбере. Се претворив во нешто што не сум. Тоа беше најтешката одлука во мојот живот, но морав да ставам крај.“ – Марија, 25