7 нешта кои треба да ги знаете пред да се одлучите за трето дете

7 нешта кои треба да ги знаете пред да се одлучите за трето дете

Да се биде мајка на три деца е веројатно една од најубавите, но истовремено и најстресните работи на светот. Љубовта е тројна, но и грижите се многу поголеми. Сепак, оние мајки кои родиле три или повеќе деца се стекнуваат со едно посебно искуство и вештини кои ретко кој друг човек може да ги има. Тие сфаќаат дека секое дете си е своја приказна и за разлика од претходно, повеќе не креваат врева за ништо. Постојат барем 7 работи кои секоја мајка би сакала да ги знае пред да го роди третото дете. Еве ги најважните моменти на кои укажуваат мајките кои веќе поминале низ овој процес.

(1) 7 совети од мајки кои имаат три деца

1. Имате три деца, а само две раце

Многу мајки пред да го родат своето трето дете се свесни за овој факт, но ќе го почувствуваат на своја кожа дури откако тоа ќе пристигне на овој свет. Мајките со три деца сфаќаат дека се наоѓаат во незавидна положба кога самите со трите деца ќе излезат од својот дом. Стануваат свесни дека им недостасува барем уште една рака, на пример, кога се обидуваат да поминат улица. Тогаш со едната рака го водат шестгодишното дете, со другата двегодишното, а третото, неколкумесечното, виси околу нивниот врат и е како жонглерско топче. Малку го поткреваат со левата, па малку со десната рака. Повеќе деца, а помалку раце е навистина застрашувачка работа за повеќето мајки, колку и да изгледа смешна оваа констатација.

2. Кога се разболуваат сите во исто време започнува вежбата за апокалипса на светот

Вистински хаос се случува во домовите на оние семејства кога сите три деца се болни во исто време. Настинка, покачена температура, повраќање, дијареја… Сето тоа помножено со три. Но, многу мајки велат дека по ноќите поминати бдеејќи над трите жешки главчиња, не може да ги изненади ниту апокалипса на светот. Едноставно се чувствуваат подготвени да ја преживеат.

3. Третото дете е најлесно за чување

Ова би ви го кажала речиси секоја мајка која има три деца. Искуствата со претходните две, веќе ве подготвиле на сите „глупости“, па со третото дете точно знаете што да очекувате. Затоа сите грижи околу тоа како ќе се справите со трите мали палавковци се сосема непотребни. Мајките се многу порелаксирани во односот со третото дете, па токму поради тоа во светот почна сè поактуелен да станува таквиот пристап во одгледувањето, без оглед дали имате едно, две или повеќе деца.

4. Не знаете какво ќе биде породувањето

Многу мајки кои имаат три или повеќе деца потврдуваат оти секое породување е сосема различно доживување. Многу често се случува жените кои веќе родиле едно или две деца, да мислат дека точно знаат што ги очекува и со третото. Но, кога ќе дојде мигот да се донесе бебето на овој свет, работите си добиваат своја димензија. Па така, многу често може да слушнете како некоја мајка раскажува дека за првите две деца ѝ биле потребни и 20-тина часа, додека третото го родила за 2, 3 часа или обратно. Никогаш не можете да знаете какво изненадување ви носи срцето кое бие во вашиот стомак.

(2) 7 совети од мајки кои имаат три деца

5. Гледајќи ги сите три на купче е вистинска магија

Секоја мајка си претпоставува дека со приновата во семејството, љубовта и врските ќе се зајакнат, но ретко која може да си претстави колкава може да биде таа љубов. Очите ѝ се насолзуваат, а душата ѝ се полни со неверојатна среќа кога на едно купче ќе ги види трите мали главчиња и шесте немирни рачиња. Тоа се моменти кои не можат да се опишат, туку само да се почувствуваат.

6. Многу малку работи можат да ве потресат

Искуството си го прави своето. Додека да дојдете до бебето број 3, веќе првите две ве научиле дека нема да им наштети кучешката храна, која што ја грицнале низ играта со домашното милениче. Третите деца имаат особена среќа, затоа што повеќе не се потресувате по секое нивно кивнување или закашлување, како што тоа било случај со другите две, особено со првото.

7. Единствено што треба е да се прилагодите

Како мајка на две деца веќе сте ги научиле сите потребни вештини и замки, а со раѓањето на третото дете единствено што треба да направите е да се прилагодите на новата ситуација. Со првите две деца сте ги стекнале искуствата, а за третото сте веќе мајка со посебна моќ. Мајките кои имаат три или повеќе деца никогаш нема да ви кажат дека е лесно, но секогаш ќе ви потврдат дека чувството да се одгледуваат повеќе деца е неверојатно.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар