Што ќе се случи со вашето тело доколку доживеете блиско искуство со смртта?

Што ќе се случи со вашето тело доколку доживеете блиско искуство со смртта?

Мали се шансите дека лично имате доживеано блиско искуство со смртта, но веројатно имате некоја идеја во глава за тоа како би требало да изгледа, само од тоа што сте биле изложени на голем број филмови и книги кои покажуваат како некој лик се придвижува кон белата светлина. Сигурно досега сте чуле за овој феномен и знаете дека се јавува кога некој ќе преживее физичка траума опасна по живот, како на пример давење или срцев удар, по што почувствувал сензација дека душата му го напушта телото, чувство на смиреност, патување во темен тунел со светлина на крајот, дури и појавување на некој починат член од семејството и слично. Во 23% од случаите, луѓето кои доживеале блиско искуство со смртта (БИС) не се чувствувале смирени, туку се упатиле кон многу помрачен и понепријатен задгробен живот.

Што ќе се случи со вашето тело доколку доживете искуство блиско со смртта?

Уште почуден е фактот што сите блиски искуства со смртта се многу слични едни на други, а првите забележани податоци за овој феномен датираат уште од Средниот век. Доколку верувате во задгробен живот, можеби ќе кажете дека искуствата на оние што го доживеале ова се толку слични, затоа што тоа навистина им се случува. Меѓутоа, научниците имаат поинаква идеја зошто повеќето БИС се толку слични, и тоа е поврзано со начинот на кој нашиот мозок и тело реагираат на тоа што органите престануваат да работат и се подготвуваат за смртта. Нивните идеи се навистина фасцинантни!

Не морате навистина да бидете блиску до смртта за да имате БИС

Научникот д-р Стивен Лорејс, кој ги проучувал блиските искуства до смртта, верува дека доколку се уверите себеси дека сте блиску до смртта тоа би било доволно за да го поттикнете доживувањето на БИС, барем за повеќето луѓе. Тој во 2013 година спровел истражување кое покажало дека многу лица кои имале БИС не се наоѓале во ситуација ризична за животот, што значи дека самата перцепција за можноста да настапи смртта е многу важна за тоа дали ќе се случи оваа состојба или не. Во тој момент мозокот сè уште е активен, бидејќи нема шанси да се доживее свесно искуство без мозочна активност.

Што ќе се случи со вашето тело доколку доживете искуство блиско со смртта?

Срцето што престанува со работа може да ја предизвика мозочната активност која води до БИС

Зошто нашиот мозок останува свесен до одреден степен кога нашите тела почнуваат да умираат? Би имало повеќе смисла ако додека телото се приближува до смртта, сите наши системи полека стануваат сè помалку функционални, со тоа што мозокот како најкомплексен систем од мозочни бранови и хемикалии, би бил помеѓу првите што би откажале. Па, зошто тоа не се случува?

Во едно истражување од 2013 година, докторот Џимо Борџигин од Универзитетот во Мичиген користел електроенцефалограм за да спроведе анализа на мозочните бранови, откако предизвикал срцев удар или гушење кај 9 стаорци. Резултатите покажале дека во тие 30 секунди кога срцето на стаорците престанало да чука, имало нагло зголемување на мозочните бранови со висока фреквенција кои се викаат гама осцилации.

Што ќе се случи со вашето тело доколку доживете искуство блиско со смртта?

Овие мозочни бранови играат голема улога кај човечката свесност, и според истражувањето во моментите откако срцето престанало да чука, тие биле поактивни од кога животните биле свесни и добри. Ова зголемување на мозочните бранови се случува затоа што мозокот панично испраќа пораки до срцето за да се обиде повторно да ја покрене неговата работа. Оваа појава можеби стои зад живописните визии кои се случуваат кај БИС.

Мозочната активност може да предизвика срцето побрзо да престане со работа

Меѓутоа, овој голем бран со пораки од мозокот до срцето може да не ни помогне, туку напротив да предизвика сериозна штета. Во 2015 година, Борџигин од истиот универзитет објавил нова студија за мозокот во последните моменти од животот. Според неа, мозочните сигнали испратени до срцето може да предизвикаат тоа побрзо да престане да функционира.

Тимот на Борџигин открил дека бранот од мозочни импулси предизвикал срцето да стигне до состојба наречена „вентрикуларна фибрилација“, што значи дека срцето повеќе не е способно да пумпа доволно крв. Стаорците кај кои не се јавила таа врска помеѓу мозокот и срцето живееле три пати подолго од стаорците кај кои таа била забележана.

Од ова може да се заклучи дека иако БИС може да се чинат смирувачки и утешителни, тие се всушност знак дека нашето тело работи против нас.

Ослободувањето на мозочните хемикалии ја објаснува еуфоријата која се јавува при БИС

Истото истражување открило дека пред срцето да премине во вентрикуларна фибрилација, мозокот ослободува голем број различни хемикалии меѓу кои и допамин (кој ни предизвикува задоволство) и норпинефрин (кој ја зголемува будноста). Овој хемиски коктел го објаснува чувството на мир и спокој што многу луѓе кои поминале низ блиско искуство со смртта го опишуваат.

Што ќе се случи со вашето тело доколку доживете искуство блиско со смртта?

Недостатокот од кислород може да ги предизвика визиите на бела светлина

Најчест симптом на БИС е темниот тунел со бела светлина на крајот. Според едно истражување од 2010 година, спроведено на 11 пациенти со срцев удар кои пријавиле блиско искуство со смртта, повеќето од нив имале покачено ниво на јаглерод диоксид во крвта, што е показател за дефицит на кислород, состојба која води до онаа сензација на движење спрема белата светлина.

Многу научници веруваат дека оваа визија на тунел, која се појавува кога текот на крвта и кислородот запира и очите престануваат со работа, е вистинската причина која стои зад верувањето во патот кој води кон светлината и евентуално кон задгробниот живот.

Што ќе се случи со вашето тело доколку доживете искуство блиско со смртта?

Колку и да се интересни сите овие истражувања, не можеме од нив да извлечеме цврсти заклучоци. Доколку имате цврсти верувања за тоа што се случува по смртта и дали постои или не задгробен живот, веројатно нема да го промените мислењето само поради неколку експерименти извршени на стаорци. Но, и покрај тоа што науката можеби никогаш нема да открие што точно се случува кога умираме, сè поблиску сме до дознавањето на причината зошто толку многу блиски искуства со смртта се исти.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар