Оваа пролет царуваат пастелните бои: Еве како да ги комбинирате со останатите парчиња облека
Ако сте се запрашале кој тренд ни доаѓа оваа пролет, тогаш со радост ве известуваме дека пастелните бои и оваа сезона ќе продолжат да царуваат помеѓу вашата гардероба. Сигурно ви останало некое пастелно парче гардероба од минатите сезони, па со тоа ќе ви биде полесно да ги надополните комбинациите за кои ќе се одлучите оваа пролет.
Смирените бои како што се бебешко розовата и бебешко сината, се во прв план, но немојте да ги занемарите и пастелно виолетовата, жолтата или зелената. Овие бои ѝ прилегаат на секоја жена, како за окото, така и при носењето, бидејќи одговараат и на русокосите и на бринетите. Нема да погрешите при изборот на која било боја, а најважно е да ја одберете соодветната нијанса за чувствителноста на вашето око.
Во овие нежни тонови, претходно можевме да видиме само блузи и кошули, а потоа на ред дојдоа и пантолоните. Сепак се стекнува впечаток дека дамите ги избегнуваат ефектните парчиња како што се јакните, капутите и обувките во пастелни бои. Можеби мислат дека пастелната боја е моментален тренд, па не сакаат да трошат пари на скапи парчиња облека, но по неколку сезони доаѓаме до заклучок дека трендот на пастелната боја нема така лесно да излезе од модната сцена.
Оваа сезона слободно одлучете се за џемпер или мантил во некоја смирена боја, бидејќи нема да погрешите, а исто така ќе уживате подолго време носејќи го.
Доколку сте од оние дами кои мислат дека костимот во боја е премногу и дека подобро би избрале сако или пантолони во боја, време е да се ослободите од овие мисли и модни стеги, бидејќи комплетот во нежни нијанси ќе биде еден од главните трендови оваа пролет и ќе можете да го носите во сите прилики, од работни состаноци до приватни настани и прослави.
Бидејќи знаеме дека модата од 70-тите се враќа назад, фустаните во ваков крој ќе бидат совршен избор за топлите денови што доаѓаат. Мини должина, кратки ракави и крој кој од колковите па надолу се шири во облик на трапез, можете секогаш да го комбинирате со балетанки, плитки платнени патики, а чизмите и високите потпетици се подразбираат. Кожна или јакна од штоф ќе бидат одлични за да ја надополните оваа комбинација, но и да ве загрее доколку е потребно. Заедно со бебешко синиот фустан одлично се вклопува и нијансата во боја на лешник, но и нежната крем.
Широките пантолони со раб се уште еден доказ дека 70-тите ни се враќаат, а ако ги облечете во розова или пастелно розова ќе донесете нова димензија на овој тренд. Ако ногавиците се подолги и прилично широки, посакувано е да облечете високи потпетици, кои дополнително ќе ви ги издолжат нозете, но и ќе спречат самите ногавици да ви се влечат по асфалтот.
Жолтите пантолони споени со пастелно розова или сина даваат смирена палета која пријае на сетилото за вид, иако можеби самата замисла на комбинација од овие две бои во моментот ви се чини непосакувана. Најдобро е да ги извадите сите парчиња облека кои ги имате во својот гардеробер во пастелни нијанси и да ги комбинирате со останатите за да направите неколку модни комбинации кои совршено ќе ви послужат кога треба набрзина да се спремате и да излезете од домот.
Можете ли ми помоћи да нађем ову плаву хаљину