Филм: Војна на ѕвездите: Силата се буди (Star Wars: The Force Awakens)
Борбата помеѓу светлата и темната страна продолжува: Реј – новиот Лук Скајвокер против Кајло Рен – новиот Дарт Вејдер
Режија: Џ. Џ. Абрамс
Улоги: Дејзи Ридли, Џон Бојега, Осакр Ајзек, Адам Драјвер, Харисон Форд
Времетраење: 136 минути
Премиера: 16 декември 2015
Јазик: англиски
Жанр: акција, авантура, фантазија
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
„Војна на ѕвездите: Силата се буди“ е достојно продолжение на оригиналната трилогија на Џорџ Лукас која со декади ги држи фановите на работ од седиштата во кино салите насекаде ширум светот. Приказната, која се случува 30-тина години после настаните во „Враќањето на Џедаите“, структурно го содржи сѐ она што се очекува, па дури и малку повеќе. Ова продолжение е вистинска ѕвездена авантура која успева да биде нова, свежа и ажурирана на носталгичен начин и која е исполнета со старата душа на „Нова надеж“ и „Империјата возвраќа на ударот“.
Сценариото е наративно стабилно, со добар тек на дејство и низ сцените и дијалозите помеѓу ликовите оддава почит на претходните епизоди. Музиката била, е и ќе остане незаменлива и врежана во сечија меморија. Визуелните ефекти и фотографијата се маестрално сработени во една комбинација на дигиталното и практичното. Овој пат, не се соочуваме со непотребни кадри од експлозии и возбудливи борби со лајтсејбери само за да се задоволи човечкото око и жедта за адреналин. Тука способните раце на филмскиот екипаж, под лидерство на прецизната и вешта режија на Џ. Џ. Абрамс, нè фокусираат на она што е навистина важно: ликовите и нивните животни приказни.
Можеби Хан Соло и Леа ќе останат најомилената романса на филмските платна, и можеби никогаш нема да се измориме од перипетиите кои вечно ќе го следат семејството Скајвокер, но овој пат Реј, Фин, По и Кајло Рен се вистинските херои и антихерои кои го одвлекуваат вниманието. Реј (Дејзи Ридли) е силен и интелигентен лик кој е страстен борец за правда и кој никогаш нема да ја заборави својата детска страна. Фин (Џон Бојега) е несуден, комичен херој со огромна и тешка карактерна длабочина, чија главна цел е да го порази ладнокрвниот стормтрупер во себе. По (Оскар Ајзек) е вешт пилот кој со својата храброст, харизма и оптимизам веднаш дава леснина на филмското дејство. Сите заедно се еден фантастичен триаголник на ликови кои сами ги кројат своите судбини и кои заедно се борат против темната страна олицетворена во мистериозниот Кајло Рен (Адам Драјвер), кој пак несомнено потсетува на една понесигурна и помлада верзија на Вејдер.
Изработен со љубов и почит од најразлични генерации на актери и филмаџии кои си го знаат занаетот, „Силата се буди“ ќе ве натера да се потсетите на сѐ она што го сакавте во „Војна на ѕвездите“ и токму таа љубов ќе ве натера уште повеќе да се посветите на овој феномен. А, ако ги гледате за прв пат, тогаш добредојдовте во една многу далечна галаксија…