Плажи кои исчезнуваат од лицето на Земјата
Замислете дека вашата омилена плажа до идното лето ќе биде уништена поради ерозија или еколошка катастрофа. Иако веројатно тоа нема да се случи, сепак сѐ повеќе плажи наскоро може да исчезнат од лицето на Земјата.
Одрони, загадување, подигање на морското ниво, прекумерно градење и искористување на песокот се некои од причините за уништување на некои од најубавите светски плажи. Селектиравме неколку места кои можат да останат само во нашето сеќавање.
1. Малдиви
Уникатниот појас од корални гребени, покрај кои се изградени најлуксузни светски хотели наскоро може да се најде под нивото на морето, ако не се сопре подигањето на нивото на океаните, предизвикано од глобалното затоплување. Со просечна надморска височина од еден метар, Малдиви, според проценките на стручњаците, може да заврши под морето до крајот на овој век.
Меѓутоа некои геолози предвидуваат дека островите составени од корали може да се регенерираат побрзо од растот на морското ниво. Сепак, растот на температурата на водата во океаните, што е последица од глобалното затоплување, го спречува развојот на коралите. Претседателот Мухамед Нашид најави дека до 2020 година Малдиви ќе стане првата држава која целосно ќе се ослободи од употребата на јаглен и ќе се сврти кон алтернативните извори на енергија, со изградба на ветерници, соларни панели, како и ред други еколошки мерки.
2. Гоа
Иако има 7.000 километри крајбрежје, Индија повеќе ги привлекува туристите со храмовите и раскошните палати, отколку со прекрасните, егзотични плажи. Причината за тоа можеби е во тоа што крајбрежјето е запоставено од државата. Дури на 25 проценти од крајбрежјето му се заканува опасност од ерозија предизвикана од растот на морското ниво, одливот на песок и изградбата на стотици нови пристаништа. Проблемот најмногу доаѓа до израз на популарната Гоа, поранешната португалска колонија, која се прослави како хипи енклава и монденско туристичко одморалиште. Скоро целото крајбрежје еродира, а на некои плажи веќе недостигаат и по 20 метри од копното. Локалната власт побарала помош од државата, а активистите укажуваат дека причината за ова е изградбата на големи пристаништа и уништувањето на вегетацијата покрај крајбрежјето и дека еколошките прашања се подредени на економските интереси.
3. Фукоук, Виетнам
Мирниот тропски остров во југозападен Виетнам е оаза со празни, бели, песочни плажи, неасфалтирани патишта и едноставни бунгалови, без наезда на туристи. Иако туристите го опишуваат како целосна спротивност на популарното тајландско место Пукет, виетнамската влада таму планира да направи „нов Пукет“. Акциониот план кој беше претставен од виетнамскиот премиер, на Фукоук предвидува туристички центар, меѓународен аеродром, пристаништа, казина и седум милиони туристи до 2030 година. Тоа е значајна промена во однос на 162.000 гости, колку што островот примил во првите осум месеци од oваа година. Владата наводно ќе се грижи за природата, но шансите Фукоук да остане недопрена природа се многу мали.
4. Саугатук, Мичиген
Саугатук е оддалечен само 140 километри од Чикаго, но посетата на ова туристичко место лесно може да се доживее како патување низ времето. Магичните песочни дини се создадени од брановите на езерото Мичиген. Претседателот на здружението за заштита на дини Дејви Свон, тврди дека слични такви песочни дини, пред двеста години можеле да се сретнат и на Европските крајбрежја. Стравот од уништување на природниот феномен дополнително ја поттикнала намерата, недалеку од „паркот на дините“ да се изградат триесетина куќи, терен за голф, марина и мал хотел, кои засекогаш ќе го променат изгледот на околината. Со цел да ја заштитат природата локалните власти се обиделе да ги спречат инвеститорите, но тие возвратиле со низа од тужби. Со иста мерка инвеститорите го изразиле своето незадоволство и кога дините биле попишани како загрозени места.
5. Мароко
Сигурно би помислиле дека пустинска земја како Мароко има доволно песок за сите, но кражбата на песок е вообичаена појава на Мароканското крајбрежје.
Машините копаат длабоки дупки во песокот за да го искористат за изработка на цемент, оставајќи зад себе кратери како на Месечината. Поголеми кражби на песок се забележани во Камбоџа, Јамајка и Австралија, но стручните лица предупредуваат дека состојбата е најкритична во Мароко, каде што песокот наголемо се ископува со десетици години. Покрај малите приморски градови Лараче и Кенитре, дините се целосно уништени. Освен што се уништува крајбрежјето, како и живиот свет што живее таму, а посебно желките и птиците кои се гнездат покрај морето, ископувањето песок го прави тоа подрачје непригодно за туризам.
6. Малинс Беј, Барбадос
Поголемиот дел од Карипските острови во одреден степен се зафатени од ерозија на крајбрежјето. Како земја којашто зависи од туризмот, на Барбадос се свесни дека мора да го заштитат своето крајбрежје, но некои од тие обиди само ја влошиле состојбата. Локалците кои се грижат за природата сметаат дека ерозијата ја поттикнале морските ѕидови и браните подигнати на западното крајбрежје со многуте луксузни вили и скапи хотели. Но, владината агенција за контрола на ерозијата сѐ уште го промовира својот проект и за сѐ вината ја префрла на глобалното затоплување. Растот на морското ниво и бурите сигурно играат голема улога, но ако сака да го заштити своето крајбрежје, Барбадос исто така би требало да направи рамнотежа помеѓу туристичкиот развој и грижата за природата.