Вештерки, вампири и суперхерои го празнуваа Халовин во меѓународното училиште НОВА
Халовин или Ноќ на вештерките се одбележува на 31 октомври и е втор по големина празник во Америка, веднаш зад Божиќ. Луѓето се маскираат и се обидуваат да се уплашат еден со друг додека децата одат од врата до врата извикувајќи “Trick or threat?”, a домаќините им даваат бонбони и чоколади.
Ноќта на вештерките традиционално се одбележува и во Скопје, во меѓународното училиште НОВА, каде учениците учествуваат на голем маскенбал и се претвораат во своите идоли, алтер-ега или ликови кои им се допаѓаат.
Најмалечките во оваа образовна институција вчера продефилираа како костури, вампири, пирати, суперхерои и во многу други интересни маски, додека денес ќе се одржи уште една Халовин-забава на која ќе учествуваат децата од повисоките одделенија. Вчера на таванот „летаа“ духови, се слушаше музика како од хорор-филмовите, а не изостана ниту заштитниот знак на овој празник – слатките така што можеа да се вкусат колачиња креативно именувани spider muffins или crunchy ghosts.
Но, освен маските и слатките десерти, Ноќта на вештерките „крие“ и интересна приказна зад себе. Корените на празникот се од пред околу 2000 години од келтскиот фестивал Самаин кој се одбележувал на први ноември. Луѓето верувале дека претходната ноќ мртвите се враќаат како духови, поради што оставале храна на куќниот праг и носеле маски кога излегувале надвор за мртвите да помислат дека се едни од нив. Но во осмиот век, папата Грегори Трети одлучил дека на први ноември ќе се оддава почит на сите светци, а за 31 октомври биле задржани најголемиот дел од веќе постоечките традиции. Со тек на време овој ден стана еден од најголемите празници во САД така што медиумот „Си-ен-ен“ објави дека во 2015 година околу 64 отсто од Американците ќе го празнуваат Халовин, а дури 41,2 милиони деца ќе одат од врата до врата на познатото Trick-or-Treating.