Македонски Телеком има најдобри резултати на тестирањето на квалитетот на мобилните мрежи во Македонија
Во тестирањето кое го спроведе компанијата P3 Communications, Македонски Телеком постигна 740 од можни 1.000 бода и доби сертификат „Best in Test“.
Македонски Телеком обезбедува најдобри резултати за мобилни податочни услуги и најдобри резултати за говорни услуги меѓу мрежите во Македонија, потврди тестирањето на компанијата P3 Communications, која на Македонски Телеком му додели P3 „Best in Test“ сертификат кој претставува меѓународно признат доказ за квалитет на мобилната мрежа.
Во текот на тестирањето спроведено во период од 12 до 20 мај мрежата на Македонски Телеком постигна 740 од можни 1000 бодови, многу повеќе од директната конкуренција.
„Независното истражување потврди дека нашата мобилна мрежа ги има најдобрите резултати преку симулирање на корисничко искуство, што беше докажано со издадениот угледен сертификат. Македонски Телеком е навистина лидер на телекомуникацискиот пазар, а тоа е позиција која ја постигнавме и сакаме да ја одржиме со постојани инвестици во мрежата“, изјави Божидар Полдругач, Главен директор за техника на Македонски Телеком.
Севкупното тестирање на P3 Communications покажа дека во Македонија мрежата на Македонски Телеком обезбедува највисок рејтинг за услуги за преземање (download) и поставување (upload) содржини и највисока оценка за говорни услуги..
Признанието е резултат на повеќекратните инвестиции реализирани од Македонски Телеком во најновите телекомуникациски технологии, со цел да се обезбеди најдобро корисничко искуство преку софистицирани и персонализирани услуги. Македонски Телеком прв ја воведе 4G мрежата и за краток временски период достигна 65% покриеност на населението и 40% покриеност на територијата со најновата 4G технологија. Овие бројки секојдневно растат, а со тоа и интересот на корисниците за 4G, а плановите се до крајот на 2015 година да има 70% покриеност на населението и 45% покриеност на територијата.
Компанијата „P3 Communications“ е водечка европска компанија за технички консалтинг и услуги во телеком индустријата. Една од главните дејности на компанијата е компаративни мерења на квалитет на мобилни мрежи, кои ги спроведува во речиси сите европски земји, како и во други земји од светот (САД, Австралија итн.)
P3 сертификатот е широко прифатен како независен и репрезентативен резултат од тестирањето на мобилните мрежи, бидејќи се базира на реална споредба на конкурентите на одреден пазар.
Сертификатот може да го погледнете на овој линк.