Луѓето со интегритет се подобри луѓе. Еве како!

Луѓето со интегритет се подобри луѓе. Еве како!

Што е тоа интегритет? Постојат многу различни дефиниции, но онаа која веројатно најјасно ќе го објасни значењето на овој збор е дека да се има интегритет значи да се прави она што е правилно и хумано дури и тогаш кога можете да смислите милион изговори да не го направите тоа.

Следниве неколку примери на луѓе со интегритет се добар доказ зошто тие се многу подобри од останатите токму поради оваа нивна особина.

lugjeto-so-integritet-se-podobri-lugje-eve-kako-kafepauza.mk

Родители кои им се извинуваат на своите деца кога ќе претераат

Ретко кој родител е подготвен да се извини доколку претера во однесувањето кон своето дете. За жал, ние сѐ уште живееме во општество во кое многу семејства се водат според ставот дека родителите се секогаш во право и мора да се слушаат по секоја цена.

Но реалноста е малку поинаква. Вистина е дека родителите треба да се почитуваат и да се слушаат бидејќи во поголем дел од времето се во право, но има и ситуации кога тие едноставно претеруваат. Со викање, со карање, со кажување сѐ и сешто, со казнување.

Но она што ги издвојува родителите со интегритет од оние останатите е моментот кога, откако ќе се случи такво нешто, тие ќе им се извинат на своите деца. Ова не се однесува само на извини, туку на која било постапка со која тие искажуваат дека им е жал и дека се свесни дека погрешиле.

Директори кои ги истакнуваат достигнувањата на своите вработени

Светот е преполн со луѓе на кои моќта им има удрено во глава. Искористувајќи ја позицијата на која се наоѓаат, тие се изживуваат со своите вработени на секој можен начин мислејќи дека така ќе им покажат каде им е местото во хиерархијата. Но факт е дека на овој начин тие само лечат некои свои комплекси и бубачки во глава, обидувајќи се да си го намалат стравот дека некој од нивните вработени ќе го заземе нивното место или, пак, ќе стане поуспешен.

Она што го забораваат е дека кога некој нивни вработен ќе успее во нешто, тоа е и нивни успех. Кога некој од вработените ќе сработи нешто како што треба, пофалбите и признавањето на добрата работа само ќе го мотивира вработениот да работи уште подобро, за нив. Шефовите кои го прават ова се луѓе со интегритет и со вродени карактеристики на лидер. Нивната моќ доаѓа од тоа што се луѓе пред сѐ останато.

(1)-lugjeto-so-integritet-se-podobri-lugje-i-eve-kako-kafepauza.mk

Љубовни партнери кои го спречуваат злобното однесување при кавги

Караниците се неизбежни кога станува збор за љубовните врски. Не постои пар на планетава Земја кој не се кара и кој има совршена врска. Расправиите се логични и сосема очекувани, но она по кое тие се разликуваат е однесувањето кое го имаат партнерите меѓу себе кога се лути и нервозни. Некои викаат, некои се навредуваат, некои кршат, некои се тепаат… Навистина, сѐ е можно кога станува збор за љубовните врски.

Оние врски на кои поретко може да се налета се врски во кои карањето не е платформа за злобно однесување. Во овие врски партнерите тежнеат кон зборување наместо викање, почитување на туѓото (различно) мислење наместо користење навреди. Партнерот кој се бори за ваква врска е партнер со интегритет кој го вреднува тоа што го има и не сака тоа да го загрози само бидејќи не знае да се воздржи во момент на нервоза.

Возачи кои скоро секогаш возат стрпливо и смирено

Колку пати сте налетале на возач кој сосема безобѕирно вика, свири и вози? Колку пати вие сте биле тој возач? Возењето по нашите улици е дефинитивно едно од највозбудливите. Свирење за секој застој пропратено со навредување и карање, незастанување на пешачки премин и нестрпливост во секоја смисла на зборот.

Она што многу ќе зачуди некого е кога за промена ќе налета на возач кој не го прави тоа. Сите забораваат како е да се биде на другата страна или дека, можеби, возачот пред нив има оправдана причина зошто не вози побрзо. Како и да е, користењето грди зборови и повишен тон нема да ве доведат побрзо до местото каде што треба да стигнете, но стрпливоста и културата ќе ве oкарактеризираат како подобра личност.

2-lugjeto-so-integritet-se-podobri-lugje-eve-kako-kafepauza.mk

Моќни луѓе кои се извинуваат кога доцнат, а некој ги чека

Луѓето треба да се луѓе без разлика на тоа кои се и што прават во животот. Културата и основните норми на однесување не се исклучок за никого, па ни за оние кои мислат дека се најважните луѓе на светот.

Еден ваков пример се моќните луѓе кои, и покрај фактот што постигнале многу во својот живот, не забораваат на своите манири, па кога доцнат на некое предавање, разговор или држење говор, им се извинуваат на останатите кои стрпливо ги чекале. Иако веројатно имаат навистина добра причина што доцнат со оглед на тоа дека се зафатени 24/7, тие го ценат времето на другите бидејќи знаат колку многу значат тие 24 часа на ден и колку некогаш не се доволни. Затоа, кога доцнат тие се извинуваат без разлика на тоа кој е тој што ги чека.

Луѓе кои носат заклучоци за некого или нешто само откако ќе ги дознаат сите факти

А колку ретко се случува ова таму каде што живеете? Многу почесто ќе налетате на луѓе кои само сакаат да зборуваат и да рашират сѐ што ќе слушнат без да знаат дали е тоа вистина, на тој начин создавајќи навистина големи проблеми за некого. Дури и несвесни за тоа дека можат да повредат некого со своите зборови, овие луѓе не се ни обидуваат да застанат и да подразмислат дали барем, ако ништо друго, тоа што го зборуваат е вистина.

Некогаш тоа се луѓе кои ни се далечни, некогаш тоа се луѓе кои ни се блиски; некогаш станува збор за празно озборување, но некогаш се работи за момент кога имаме потреба некој да ни верува или да не нѐ осуди предвреме. Луѓето кои го прават ова се многу ретки и тоа се луѓе со силен карактер, разумни и луѓе со интегритет. Тие се ставаат себеси како пример во дадената ситуација и пред да зборуваат за други, се запрашуваат како би им било на нив кога тие би биле на озборуваната страна.

Lithuania Integrity Concept

Волонтери

Несебични луѓе кои ќе најдат време да волонтираат некаде каде нивната помош е од огромно значење – дали постојат луѓе со поголем интегритет од овие? Веројатно не. Денес светот се движи ненормално брзо. Луѓето немаат време да јадат, а не да застанат и да губат време некаде каде што нема ни да бидат платени за тоа. Но тие луѓе немаат претстава колкаво задоволство носи волонтирањето. Да направиш нешто само поради несебичната желба да помогнеш кога можеш е најблагодарната човекова карактеристика.

Никој не е роден како личност со интегритет, што значи дека секој може да ја развие оваа особина само доколку навистина сака. Со оглед на тоа дека секојдневно се соочуваме со безброј ситуации во кои можеме да покажеме дека сме луѓе со интегритет, сѐ што треба е да го направиме првиот чекор.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар