Трка со времето – Дали следниот е оној вистинскиот или само последен?
Имате неколку врски зад вас, а времето минува со вртоглава брзина. Не станува збор толку многу за вашите години, туку за чувството дека животот поминува, а вистинските работи ви бегаат од раце или пак сте ги оставиле зад вас. Доволна е само една голема неуспешна љубов за чувството на неуспех да ве следи во секоја нова наредна врска.
При потрагата по љубов, додека истовремено се тркаме со времето, го бркаме чувството на неуспех и останува надежта дека следниот ќе биде оној вистинскиот или барем доволно прифатлив за да биде последен. Се трудиме своите стравови да ги држиме под контрола, да не дозволиме да ни ја уништат забавата и најважно, да не ни ја уништат шансата кај следниот, бидејќи знаеме дека мажите бегаат од „досадните и напорните“ и дека со зрачењето со негативна енергија нема да го привлечеме адекватниот партнер.
И мислиме дека ни успева. Но, знаете што? Тие го знаат тоа. Ќе ја намирисаат нашата потреба за сериозна врска, која води во уште посериозна врска, иако своите стремежи ги прекриваме со спонтаност, отвореност и самодоверба. Момците понекогаш знаат да кажат „Таа е супер девојка, паметна и способна, згодна и пријатна, но време е да се омажи. Секој следен е нејзин потенцијален маж, не сакам да го трошам нејзиното време, нема што да барам со неа.“ А набрзо потоа, тој се оженил со некоја друга девојка, па се разведел, па повторно се оженил. Но, тој нема да признае дека бил „фатен во стапица“ туку ќе пронајде соодветен изговор дека со следната едноставно бил опуштен и не намирисал никаква опасност.
Не може да одберете со каква енергија ќе зрачите за да го привлечете оној вистинскиот или последниот. Но, може да научите да не се откажувате од правото на љубов, почит и единство и да не прифатите кого било само затоа што мислите дека тој е последниот што може да го најдете.
Немојте да останете со некого зашто мислите дека тој е вашата последна шанса, бидејќи вашето искуство ве убедило дека секој следен е полош, а како времето поминува, критериумите опаѓаат и очајот расте.
Дали навистина е пострашно да останете сами отколку да завршите со вашата последна шанса? Како може да биде подобро да имате маж, а тоа да не биде партнер кој ќе го сакате?
Немојте да се откажувате, бидејќи не може да ја добиете трката со времето. Престанете да трчате. Единствениот однос кој треба да остане е љубовниот однос кон самите себе, полн со почит. Не прифаќајте го последниот, дури и ако сте го изгубиле оној вистинскиот.