Обична настинка или само алергија?

Обична настинка или само алергија?

Пролетните денови знаат да бидат ужасни за оние кои се борат со различни алергии. За оние, пак, со послаб имунитет, можеби се и повеќе од тешки со оглед на тоа што настинуваат дури и при најмала промена на времето. Топло, ладно, прашина, полен… Верувале или не, многу луѓе имаат проблем при разликување на симптомите кои се јавуваат поради алергии и/или настинка. Тоа понатаму води кон погрешно третирање на истите, па наместо да им биде подобро, ситуацијата само им се влошува.

young female having a cold

Во основа, настинките се предизвикани од некој вирус, додека алергиите се одговор на имунолошкиот систем кога организмот е изложен на одредени алергени како полен, прашина, првут од домашни миленичиња и сл.

Доколку поубаво ја погледнете следната табела, може да забележите зошто овие две состојби толку често се мешаат. Без разлика дали се работи за алергија или настинка, неминовно е да чувствувате замор, да почнете да кивате и кашлате, да ви тече носот и постојано да чувствувате притисок во делот кај синусите бидејќи носот ви е затнат.

Алергија Настинка Заеднички симптоми
иритација кај очите температура замор
иритација кај ушите грозница кивање
иритација кај грлото суво и зарипнато грло кашлање
отежнато дишење болки по телото затнат нос
црвенило (опционално) омалаксаност растечен нос

Додека сличностите се оние кои нè бунат, различните симптоми се оние по кои можеме да препознаеме дали сме настинати или алергични на нешто. Така, доколку станува збор за алергија, покрај веќе набројаните симптоми, ќе се појави и иритација кај очите, ушите и грлото, како и отежнато дишење. Ако се работи за настинка, тогаш е многу веројатно дека ќе качите температура, можно е да ве тресе грозница, да имате суво и зарипнато грло, да се чувствувате омалаксани и да имате болки по целото тело.

Наједноставен начин за препознавање на непријателот со кој си имаме работа е според времетрањето. Класичната настинка најчесто не трае подолго од 10-тина дена и претежно се јавува при преод од едно во друго годишно време. За разлика од настинката, алергиите знаат да бидат огромни гњаватори кои не си заминуваат дури и по неколку месеци. Но од друга страна, најчесто се јавуваат во еден ист период од годината, што го олеснува процесот на преземање превентивни мерки доколку е можно.

Како еден од најефективните начини за справување и со настинката и со алергиите е користење на капките за нос, секако само доколку се препорачани од доктор. Нивната ефикасност и во двете ситуации се состои во тоа што го отпуштаат затнатиот нос со што се олеснува дишењето, додека истовремено ги третираат потечените и блокирани дишни патишта.

Без разлика дали станува збор за алергии или настинка, многу е важно да ја имате точната дијагноза поставена од доктор, за да можете правилно и соодветно да се лечите. Иако превентивните мерки не се никогаш на одмет, факт е дека не секогаш можете навреме да забележите што ви се случува и да го спречите тоа. Но затоа, пак, правилниот третман на брз и едноставен начин ќе ви помогне да се справите со симптомите и да си го олесните секојдневието.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар