Традиции и обичаи на Скијатос
Крајбрежјето на Егејското Море и островите близу до него се подрачје на коешто се измешале многу култури и се смениле многу обичаи. Турбулентната историја на Скијатос, на крајот придонела островот да се здобие со богат духовен живот и посветена христијанска традиција.
Успение на Богородица
На овој голем христијански празник, се организира масовна прослава на островот, на 14 и 15 август. На првиот ден се организираат настани со музика, храна и пијалаци, додека на вториот ден се одвива ритуалната погребна процесија на Богородица, во манастирот Евангелистриа. Доколку во овој период се најдете на островот, не двоумете се и задолжително присуствувајте на прославата, за да доживеете едно автентично искуство.
Културни настани на Бурци
Бурци е полуостровот што се наоѓа на извонредно погодна локација за културни случувања – помеѓу старото и новото пристаниште на Скијатос. Во текот на целото лето, во отворениот театар, во традиционалното грчко кафуле и по улиците се одржуваат најразлични претстави, перформанси, изложби, кино проекции на отворено, итн. За секој вљубеник во културата, Бурци е место што едноставно не смее да биде одминато.
Фестивалот Кацониа
Овој фестивал се одржува секоја година на 6 септември. Празнувањето е во чест на грчката подморница „Ламброс Кацонис“, што на овој датум во 1943 година била потопена недалеку од Кастро, Скијатос. Во нападот од Нацистите, загинале 32 членови на екипажот, 15 биле заробени, а неколкумина успеале да избегаат и пливајќи непрекинато 9 часа успеале да се скријат на островот, пред да се префрлат во Египет, каде што одново се соединиле со грчката флота. Во свеченостите учествуваат официјални претставници и голем број граѓани, а се преигрува и морнаричката битка, во чест на храбрите војници што се бореле за слободата на целиот свет.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.