Филм: Кон чудесното (To the Wonder)
Несекојдневно аудиовизулено уживање преплавено со емоции
Режија: Теренс Малик
Улоги: Бен Афлек, Олга Куриленко, Рејчел МекАдамс, Хавиер Бардем
Времетраење: 112 минути
Јазик: англиски, француски
Премиера: 6 март 2013
Жанр: романса, драма
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Има еден момент во животот кој секој посакува да му се случи. Оној кога можете да застанете и да си речете: „Сега животот ми е комплетен и можам на раат да бидам среќен/среќна“. Авторот на „Дрвото на животот“ (The Tree of Life), Теренс Малик, со овој филм ја истражува потрагата кон тој чудесен миг.
Започнува во моментите на интензивна романса меѓу Нил (Бен Афлек) и Марина (Олга Куриленко). Тој е Американец кој патува во Европа, а таа е Украинка која сама ја одгледува својата десетгодишна ќерка во Париз. По романтичните моменти низ улиците на Париз и низ ходниците на замокот Мон Сен Мишел, Нил ја кани Марина да се пресели со него во Америка, каде што тој работи како инспектор за животна средина. Таа веднаш прифаќа.
Марина се труди да се приспособи на новиот живот, но нејзината уметничка душа тешко наоѓа мир во просечната Оклахома. Не е задоволна од животот, па со тек на време врската меѓу неа и Нил почнува да се лади. Кога напливот од емоции помеѓу нив спласнува, спасот од кризата во врската секој ја бара на друго место: Марина во средбите со свештеникот Квинтана (Хавиер Бардем), а Нил повторно ја среќава Џејн (Рејчел МекАдамс), љубовта на неговата младост.
Самата приказна е доста едноставна. Тоа што филмот го прави посебен е начинот на којшто е раскажана. Тој нема класично сценарио, туку тоа е заменето со збир од поеми. Режисерот и сценарист Теренс Малик не користи дијалози меѓу главните ликови, туку нивните мисли ги пренесува преку монолози кои наликуваат на читање поезија. Ретко кога тие разговараат еден со друг, но нема момент во кој не ви е јасно што тие мислат или чувствуваат. Сместени во живописни кадри исполнети со топли бои додека во позадина одат лиричните реплики надополнети со прекрасна музика, целиот филм е поезија. Тој од почеток до крај е поплавен со љубов, страст, бес, немир, страв, копнеж…
Теренс Малик повторно го користи својот специфичен стил на раскажување, така што повторно нуди филм кој не е обичен и не е за сечиј вкус, кој или нема да го сфатите или ќе ве маѓепса. Потребно е внимателно да ги следите не баш честите реплики на ликовите, нивните изрази на лицето, сето тоа да го споите со нивното опкружување за да добиете вистинска слика за она што се случува. Ако успеете во тоа, „Кон чудесното“ ќе ве награди со несекојдневно аудиовизулено уживање преплавено со емоции.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.