Како да се справите со конфликтите?
Сите ние во животот некогаш сме имале конфликт со некого. Кавги, спротивставени мислења, зборување со висок тон, лутење… а сето тоа предизвикува стрес. Во конфликт влегуваме кога гледаме како некој се турка преку ред во продавница, случајно ќе нè поттурне, кога ќе чуеме лош збор за нас. Конфликтите почесто се случуваат кога сме нервозни заради некоја претходна ситуација. Помеѓу пријателите, најблиските, колегите од работа, па дури и со непознати луѓе, конфликти секогаш ќе има. Еве неколку кратки совети како најдобро да се справите со нив:
.
Мислете пред да изреагирате
Кога некој ќе каже нешто со кое не се согласуваме, секогаш реагираме брзо. Пред да изреагирате онака како што ви доаѓа, земете воздух и размислете, па макар и тоа да се неколку секунди. Во тие секунди, повторувајте ги зборовите кои ви се кажани и размислете убаво што ќе одговорите.
.
Одете по потешкиот пат
Не одете по линија на помал отпор и не почнувајте да викате и да кажувате навредливи и погрдни зборови, само затоа што некој ве навредил или не се согласувате со неговото мислење. Таа кавга која ќе произлезе кога двајцата се караат, викаат и се навредуваат може да резултира со прекин на пријателство, развод или нарушени односи. Направете сè за да се сталожите и да размислувате трезвено покрај стресот и нервозата кои ги доживувате.
.
Утрото е попаметно од денот
И тоа секогаш ќе биде така. Дадете си време и себеси и на другиот за да ја пребродите кавгата. Не донесувајте веднаш одлуки како: „Најдобро е да се разведеме“ или „Не ми треба повеќе пријател како тебе“. Оставете кавгата да „преноќи“ и утрото можеби ќе донесе решение за проблемот.
.
Сослушајте го другиот
Како што за танго се потребни двајца, така и за кавга. Расправањето нема да има смисла ако само вие зборувате, се карате, викате и објаснувате. Сослушајте го другиот и видете што има тој да каже.
.
Вината е во еден од вас
Штом ќе се фатите себеси како обвинувате некоја трета личност за настанатиот конфликт, веднаш нека „ви светне“ дека работите почнале да одат во друг правец. Никогаш не обвинувајте некој друг и прифатете ги работите такви какви што се. Гледајте реално и работете на себе, на тоа како кавгата сега, да не се повтори во иднина.
.
Секогаш постои решение
Во љубовните, семејните и пријателските врски секогаш постојат работи за кои постои несогласување. Тие се оние нешта за кои најчесто избива кавга. Решете ги или најдете им привремено решение. Разговарајте за нив со блиските. Така и вие и другиот сте свесни дека проблеми секогаш ќе постојат, а за нив може да се најде и решение, ако постои желба за тоа.
.
Извинување, од срце
Сфаќате дека не сте во право или ве убедиле во тоа. Човечки е да се извините. Но, не затоа што така е редот, туку затоа што навистина го мислите и чувствувате тоа. Никогаш не заборавајте да се ставите на местото на човекот со кого имате конфликт. Дел од решавање на конфликтот е да знаете која е вашата улога во него.
asertivnosta e golema rabota [to mnogu malku od nas ja poseduvaat . Dokolku bide taka ke bideme luge od finska