Жена ли е или вештица?
Можам да се заколнам дека мојот папагал е злобен. Кога црцори ми се чини дека крои подли планови за како да нанесе штета. Звучи како негативците во филмовите кога се смеат бидејќи „се крчка“ јака катастрофа. Всушност имав уште едно папагалче, ама ова лошово не му даваше да јаде. Се будам едно утро и кутрото неухрането пупунец долу. Оттогаш овој преживеаниов го гледам како злобник. Беа машко и женско, барем така ни рекоа.
Ај погодете. Женското преживеа.
Злобничка.
Библиската приказна за Адам и Ева ни кажува како ѓаволот ја одбира Ева бидејќи е послаба, но и бидејќи има големо влијание врз Адам, па ја убедува да проба од забранетото јаболко. Кутриот Адам, иако знаел дека и тој ќе биде во каша исто како и Ева, каснал од јаболкото за да биде казнет заедно со неа. Оттогаш почнале да се гледаат со сексуална желба и да живеат како грешници, впрочем како ние денес. Супер. Сакате уште една библиска приказна?
Си бил еден Самсон, лудо вљубен во итрата и користољубива Делила која била пратена да открие од каде му доаѓа силата. Силата му била во косата, така што Делила фино се погрижила да му се „среди“ фризурата додека спие. Го предала за пари. А овој ја сакал. Делила била неговата пропаст. Е џабе бил силен кога не бил паметен!
Во текот на средниот век наголемо се шири култот за жени-вештици кои биле мачени, а потем и спалувани. Се верувало дека жената која била паметна всушност имала пакт со демонот, инаку во нејзината вистинска природа е да биде глупава и понизна на мажот. Во текот на 250 години прогон на „вештерките“ во Европа, околу 3 милиони жени биле убиени. Најстрашното од сè е што неодамна наидов на текст кој кажува дека во Нова Гвинеја сè уште се верува во култот на вештерките и ден-денес се спалуваат жени. А некој маж умре од нигде-никаде, се знае дека некоја жена му ја „зачинила“ чорбата. Ич не е за смеење. Па 21-ви век е.
Мислам, настрана од палењево, премногу е мрачно, дали стварно ние жените сме „програмирани“ да бидеме злобни, итри, користољубиви, да им бидеме Ахилова пета на мажите и да знаеме како најдобро да ја искористиме нивната слабост?
Не би рекла. Што е со пожртвуваноста на жените за своето семејство? Што е со мајчинскиот инстинкт? Во денешно време да веруваме во култови и легенди од дедо Ное не го бива, ама добри се за забава и интересни за читање. Иако да, еве кажувам: жената е секогаш Ахиловата пета на мажот.
Ако треба да ја искритикувам понежната половина (вклучувајќи се и себеси): лицемерни сме. Сакате комплименти, заштита и грижа? Нема да е на одмет некогаш да го направите истото и за вашите мажи. Може ќе ви дојде како најголемо изненадување на свет, ама еве ви интересна вистина: и мажите се средуваат. Се враќа од теретана, се тушира, се гледа во огледало стегајќи мускули за да си набие самодоверба, се облекува, се „парфемира“, доаѓа кај девојката, а таа: „Убава ми е косата? Како ми стои фустанот? Леле, пак не забележа дека сум ја фарбала косата! Па зошто никогаш не ми даваш комплименти?“ Значи приберете си го малку егото и некогаш вие речете му дека ви изгледа стварно секси. И тој сака да чуе комплимент.
Кога ќе ни дадат комплимент – мрш таму, сигурно така им викаш на сите девојки. Кога прави романтични гестови – мислиш толку сум плитка да „паднам“ на ова? Кога не прави – зошто не ти текнува нешто како во филмовите што прават? Кога се поставува заштитнички со тебе – знам да се грижам самата за себе. Кога не се поставува заштитнички – зошто не ме сакаш? Ако се степа за тебе – дечко ти имаш проблем со контрола на бесот, а ако не го стори тоа – кретен е.
Интересна машинерија сме ние жените во секој случај.
А сега драги дами, качувајте се на метлите и напред во нова авантура.
Ели
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.