Книга: „Елеганцијата на ежот“ – Мириел Барбери
Роман за извештаченоста на интелектуалните клишеа кој ги возвишува тивките победи на ненаметливите…
Во светот на богаташките снобови, едно девојче не може да го најде своето место, а жена во години одбира да не се истакнува повеќе од својата улога како домарка. Мириел Барбери е новелист и професор по филозофија, па сосем очекувано станува збор за филозофско дело кое на ненаметлив начин ќе ви пренесе многу теории и размислувања за животот.
Романот примарно се концентрира на животот и однесувањето на богатите семејства од елитните квартови на Париз. Со иронија и критицизам, авторката ќе ги одгатне своите видувања кон овој сталеж и извештаченоста на нивната интелигенција како и глупавите клишеа за нивната култура.
Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ
Меѓу другите жители во луксузните апартмани на една париска улица, живеат двата главни протагонисти во овој роман, навидум толку различни но со по некои заеднички особини. Рене е 54-годишна домарка на зградата која веќе 27 години се грижи за беспрекорниот ред во живеалиштето на семејствата од високата класа на француското општество.
Палома е 12-годишшно девојче кое не може да го најде своето место во зграда полна снобови кои не си гледаат подалеку од носот. Зборувајќи искрено, на Палома буквално ѝ се гади од нејзиниот татко-парламентарец и мајка ѝ која мисли дека ја открива својата интелигенција постојано цитирајќи паметни мисли и која ги смирува своите нерви полнејќи се со апчиња за мирен сон. Секако, тука е и постарата сестра на Палома, која нема ни култура ни почитување, располага со сосем погрешни и плитки сфаќања за животот а иронијата е во тоа што се спрема да студира на угледен колеџ за каде ѝ е врачена стипендија.
Рене, опишувајќи се себеси како сиромашна и грда жена со прекумерна тежина, е многу повеќе од обична домарка, само што не им дозволува на плитките незаинтересирани умови да ја дознаат вистината за неа. Рене всушност е самоук експерт, го чита Толстој, разни дела на познати филозофи, има истанчен вкус за уметноста од XVII век како и за јапонската култура. Рене ја маскира својата интелигенција прикажувајќи се како неука домарка. Таа е осамена вдовица со само една вистинска пријателка, Португалката Мануела за која вели дека располага со вроден осет за буржоаско однесување и дека и покрај тоа што е слугинка, таа прилега на дама и поседува беспрекорни манири.
Рене се води според теоријата дека за сиромашна и непривлечна домарка, високиот интелект е проклетство и нема воопшто значење. Поучена од несреќен случај во нејзиното семејство знае да си стои на место и да не се вплеткува во свет каде не припаѓа.
Сè се менува кога јапонскиот бизнисмен Озу ќе се всели на 4-тиот кат во зградата. Тој и Палома се единствените кои вистински умеат да погледнат под маската на Рене и да ја насетат скриената префинетост на жена која навидум е само куќна помошничка. Според Палома, Рене поседува елеганција на еж однадвор накострешена со боцки, а однатре крие вистинска префинетост.
Рене и Палома со сигурност имаат една заедничка особина, и двете го прикриваат својот интелект. Палома како 12-годишно девојче поседува вистинска можност за длабоко размислување и толкување на нештата, но не сака да се експонира. Неа ѝ пречат извештаченоста и амбициозноста на богатите кругови, па често знае да побегне од сè криејќи се на безбедно. Палома, која ги презира богаташките кругови е презаситена од животот и иако е на многу рана возраст не може да му најде смисла на своето постоење. Тоа ја втурнува во меланхолично и безволно расположение што ја тера да донесе одлука – да се убие на денот на својот 13-ти роденден.
Корицата дава впечаток на роман кој нема цел ни идеја и кој е ужасно здодевен, но напротив. Романот ќе ве внесе во главите на две навидум спротивни личности и ќе ви помогне да го разберете нивното размислување, воедно збогатувајќи ве со по некоја мудрост.Како и двете протагонисти ќе си помогнат една на друга? Дали Рене конечно ќе се ослободи од стегите на буржоаскиот живот и надмените погледи на извештачените припадници на високата класа? Ќе пронајде ли некој кој умее вистински да погледне во нејзината душа? Дали Палома конечно ќе ја разбере убавината на животот кој вреди да се живее во непрестајна потрага на тоа секогаш во никогаш?
За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до вторник, 22 октомври 2013.
Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.