Книга: „Силвер Беј“ - Џоџо Мојес

Книга: „Силвер Беј“ – Џоџо Мојес

Кој би рекол дека љубовта кон едно приморско местенце може да спои сосема различни луѓе, да ги преврти нивните животи наопаку и уште еднаш да им даде шанса за нов живот?

Летниот период е време кога поголемиот дел од љубителите на книги бараат нешто поопуштено и полесно за читање, особено ако удобната софа ја заменат со лежалка на песочна плажа. „Силвер Беј“ е една од оние книги со бавен почеток кој можеби за кратко ќе ве натера да помислите да ја оставите и да се префрлите на некое друго четиво, но набрзо се фаќате сами себе како сè повеќе уживате во читањето и сè побрзо ги вртите страниците, па токму поради тоа е одлична за овој период.Книга: „Силвер Беј“ - Џоџо МојесПриказната е сместена во Силвер Беј, залив на неколку часа возење од Сиднеј, Австралија, местенце кое го одликува приморски шарм, мал број локални жители и доволен број туристи кои би носеле пари, а не би го уништиле најголемото богатство на заливот – прекрасната природа, чистата вода и китовите и делфините како главна атракција.

Книгата е пишувана во прво лице и секој лик наизменично раскажува, па му овозможува на читателот полесно да се приврзе да ги разбере карактерите и нивното однесување. Лиза Мек Кален, заедно со нејзината 11-годишна ќерка Хана и нејзината тетка Кејтлин, живее во скромно, но топло хотелче во Силвер Беј, каде што заработува за живот од туристите кои доаѓаат да преспиваат и кои ги носи на пловење со нејзиниот брод со цел одблиску да ги видат китовите и делфините.

Лиза е резервирана и далечна, посветена на својата ќерка, а блиските ја гледаат како вистински ужива единствено во моментите кога е на отворено море. Иако другите тоа не можат лесно да го сфатат, Лиза во Силвер Беј го наоѓа токму она што ѝ треба, мирно место каде што никој не поставува премногу прашања, каде што нејзината ќерка може спокојно да расте и каде што конечно може да избега од своето минато.Книга: „Силвер Беј“ - Џоџо Мојес Местата како Силвер Беј се секогаш на мета на инвеститорите, момците во одела со длабоки џебови кои секогаш прават некои пресметки во глава, а на крајот е секогаш важен само финансискиот резултат. Мајк Дормер е токму таков тип, а сега е на мисија да направи одличен план за градилиште во овој прекрасен залив, затоа што мора да го одушеви таткото на својата идна жена, кој воедно е и негов „партнер“ во фирмата во која работи. Партнер од кој трепери кога разговара на телефон дури и кога е на дваесет илјади километри од него, најмногу поради желбата да го одушеви својот идол чија фирма утре треба да ја наследи.

Но истражувањето на терен во Силвер Беј е далеку поразлично отколку во кое било друго урбано место. Тука Мајк со својата модерна облека и телефони никако не може да се вклопи меѓу останатите. Без разлика на очигледниот проблем да се вклопи, Мајк е одушевен од гостопримството на Кејтлин која го прима во својот хотел и блискоста која започнува да ја чувствува кон нејзиното семејство како што поминуваат деновите. Изненадувањето е уште поголемо кога блискоста ќе почне да се чувствува од најмалку очекуваната страна – секогаш ладната и резервирана Лиза сфаќа дека можеби сепак постои нова шанса за љубов.

Веројатно ќе откријам премногу доколку продолжам да раскажувам, па верувам дека за љубителите на ваков жанр овој вовед е сосема доволен. Нека не ве залажува по малку досадниот почеток, ова е една одлично раскажана и склопена приказна за љубовта кон една личност, но и кон едно место, и е дефинитивно нешто повеќе од типична чик-лит книга.

Ви ветувам дека докрај ќе бидете неповратно заљубени во Силвер Беј и сигурно нема да бидете рамнодушни на обидите на инвеститорите засекогаш да го променат неговиот лик. Живите разговори меѓу ликовите, интимното раскажување во прво лице, прекрасните пејсажи и рандом фактите за неверојатните суштества какви што се китовите, ја прават оваа книга вистинско уживање. Сте знаеле ли дека китовите ги користат градните перки за да се галат?


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар