Книга: „Еден ден“ – Дејвид Николс

Книга: „Еден ден“ – Дејвид Николс

Поглед од врв на планина, бакнеж и ветување… Декс и Ем, Ем и Декс… Дваесет години, две личности и еден ден

„Еден ден“ – Дејвид НиколсНаслов на оригиналот: One Day – David Nicholls

„Еден ден“ е приказна за животите на Ема и Декстер, кои подобро се запознаваат на денот на нивното дипломирање, 15 јули, денот на Св. Свитн. Оттогаш нивните судбини се вртат околу тој датум. Наредните 20 години од животите на двајцата протагонисти, со сите подеми и падови, се претставени преку 20 глави, со нагласување на датумот 15 јули. Книгата е објавена во 2009 година, а по лавината позитивни критики и задоволни читатели, во 2011 беше адаптирана како филм, со Ен Хатавеј и Џим Старџис во главните улоги.


Синопис

По дипломската прослава, Декс завршува во станот на Ем, иако пред тоа не ѝ обрнувал некое посебно внимание. Зборуваат како би изгледале и што би правеле на 40 години и што сакаат од животот. Ем е паметна млада жена со визија да направи нешто значително и да го подобри светот. Нејзиниот сон е да стане учителка и да почне да се занимава со пишување. Декс е богат и разгален дечко кој ужива во женско друштво, дури речиси и нема некои критериуми за жените, нему му се допаѓа сè што се движи.

Ем започнува да пишува и игра претстави, но не успева да постигне некој голем успех. За тоа време, Декс патува низ светот, уживајќи во секакви луксузи и флертувајќи со жени. Нивните животи повторно се спојуваат кога и двајцата ќе се преселат во Лондон, каде Ем работи како келнерка, додека Декс е водител во телевизиско шоу. Самиот признава дека работи тоа што другите ќе му го кажат бидејќи за тоа е способен, но неговите родители не го гледаат со гордост во очите. Ем и Декс и понатаму го негуваат своето пријателство, а се зближуваат уште повеќе по смртта на мајката на Декс и нивниот заеднички одмор во Франција. Сексуалната тензија помеѓу нив често се насетува, но остануваат доследни на своето пријателство, најмногу поради цврстиот и зрел карактер на Ем.„Еден ден“ – Дејвид НиколсДекс целосно се губи, предавајќи се на развратот, алкохолот и дрогата и уништувајќи си ја кариерата. Токму тоа е причината за прекин на пријателството со Ем. Во меѓувреме Ем одлучува да ја прекине врската со комедијантот Ијан, откако ќе сфати дека не е вљубена во него и дека не би сакала да го помине остатокот од својот живот во врска која не ја прави вистински среќна. Откако повторно ќе се сретнат на една свадба, Ем и Декс го обновуваат пријателството признавајќи дека си се потребни еден  на друг.

Ем почнува повторно да пишува и заминува во Париз. Декстер овојпат е во улога на невработен сопруг и татко… Што ќе се случи со нив двајцата? Колку време ќе им биде потребно за да сфатат дека се совршени еден за друг, но не како пријатели? Колку 15 јули ќе биде среќен датум за нив?

Лична критика

Секоја приказна си има свој почеток и крај. Некогаш крајот е среќен, а некогаш не. Ако барате зрела романтична приказна, одберете ја оваа. Приказната на Ем и Декс не е бајка. Во неа се опишани многу реални ситуации и природни карактеристики на еден човек. Љубовта, пријателството, почитта, скриената желба и страст. Книгата ќе разбуди секакви чувства во вас, ќе ве поттикне на емоционалност и ќе ве наежи на крајот. Книгата има и македонски превод и се надевам дека ќе го одберете пишуваното дело наместо филмот, бидејќи откако ја прочитав, ја гледав и филмската верзија и сфатив колку работи ќе пропуштев доколку не ја прочитав книгата. Дозволете само да ви пренесам нешто од моите омилени делови:

„Прекрасна си, ти баба Рого една, и кога би можел да ти дадам еден подарок до крајот на животот, би ти дал самодоверба. Или тоа, или миризлива свеќа.“

„Еден ден“ – Дејвид Николс

„Знаеш што не можам да разберам? Сите овие луѓе ти кажуваат колку си прекрасна, паметна, забавна и талентирана, без престан. И јас ти го кажувам тоа со години. Зошто не можеш да веруваш? Што мислиш, зошто луѓето ти ги кажуваат тие работи? Мислиш дека е некаков заговор, дека сите тајно се договориле да бидат фини со тебе?“

„Пие многу кафе и пишува белешки и идеи за приказни со нејзиното стило на ленено бели страници од скапи нотеси. Понекогаш, кога ѝ оди навистина тешко, се прашува дали тоа е љубов кон пишаниот збор или само нејзин фетиш за прибор за пишување.“

„Што и да се случи утре, го имаме денес и секогаш ќе го памтиме.“



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар