Пивофест – Пиво, песна, позитива

Сподели

Прилепскиот фестивал на пивото и скарата е забавна манифестација од отворен тип која веќе 14 години по ред ги собира љубителите на доброто пиво, скарата и музиката на едно место и ги обединува во духот на заедништвото. Во чест на 14-тото издание на пивскиот фестивал кој веќе го заслужува епитетот „традиционален” – Пивофест, откријте неколку интересни информации околу неговото одржување.

Реклама

Познат по масовната посетеност, големите музички имиња од матичната и странската естрада, како и присуството на дел од најуспешните производители на пиво од земјата и пошироко, овој фестивал уште од самите свои почетоци во 2003-тата година, успева да се издигне како збиднување кое се смета за симбол за позитивноста и несебичното гостопримство на македонскиот народ.

Достојно на карактеристиките на сите пивски фестивали од светски ранг, така и Пивофест брои низа рекорди кои не остануваат незабележани. Според статистичките податоци се наведува дека на фестивалот во 2007-мата година се испиле 250 тони пиво и се изеле 60 тони скара, додека највисокиот број на посетители низ годините достигнува 400.000.

Реклама

Како главни „виновници” за ваквата посетеност се големите балкански ѕвезди кои се задолжени за одржувањето на веселата и разиграна атмосфера. Меѓу нив се издвојуваат Здравко Чолиќ, Лепа Брена, Дино Мерлин, Жељко Самарџиќ, Горан Бреговиќ, Прљаво Казалиште и многу други.

Во организација на општината Прилеп и стопанските субјекти од градот, фестивалот вообичаено започнува во средината на месец јули и обезбедува 4-дневна забава која трае до раните утрински часови. По завршувањето на музичките настапи од официјалната програма, освен во локалните угостителски објекти, забавата продолжува и на т.н. алтернативна бина на која се претставуваат бројни македонски музички артисти од областа на електронската музика.

Оваа година, фестивалот ќе започне во четврток, на 14-ти јули и ќе трае до 17-ти јули. Домашните и странските пивари веќе ги резервираа своите штандови и подготовките полека привршуваат. Во официјалната програма ќе настапат голем број музички изведувачи и тоа во четврток ќе ги погледнеме Кросроуд блуз бенд, Рафаел, Тропико бенд и романското дуо Флај Проџект; во петок ќе настапат Самостални референти, Каролина Гочева, Хари Мата Хари и Бенг ла Декс; во сабота – Миле Кузмановски, Рада Манојловиќ и Аца Лукас; и на финалната вечер, во недела, ќе настапат Александра Радовиќ, Дејан Петровиќ, Биг Бенд и популарната екс-ју група Парни Ваљак.

Реклама

Повелете на пиво!

Најново

Може ќе ве интересира