Велиме дека не веруваме во суеверија, но кога ќе се скрши огледало, сепак нешто нè штрекне. Многу од овие верувања ги слушнавме од бабите и дедовците, а некои ги почитуваме без ни да размислиме. Еве ги најпознатите.

Скршено огледало
Се верува дека скршено огледало носи седум години несреќа. Верувањето е многу старо. Огледалото се сметало за одраз на душата, па кога ќе се скрши, се кршела и среќата.
Црна мачка преку патот
Ако црна мачка ви го премине патот, ве чека несреќа. Затоа многумина застануваат и чекаат некој друг прв да помине. Интересно е што во Британија и Јапонија црната мачка се смета за знак на среќа.
Вода по патникот
Кога некој тргнува на пат, се истура вода по него, „да му оди како вода“. Ова е еден од најубавите обичаи што и денес го прават многу мајки и баби.
Не седи на ќош од маса
Девојките и денес ќе го слушнат ова на семејна прослава: ако седнеш на ќош од маса, нема да се омажиш уште седум години.
Чешање на дланката
Ако ве чеша левата дланка, ќе добиете пари. Ако ве чеша десната, ќе давате пари или ќе се ракувате со некого.
Не свири дома
Свирењето во куќата, особено навечер, се верува дека ги „брка“ парите од домот.
Ако се вратиш, погледни се во огледало
Ако тргнете од дома, па се вратите затоа што сте заборавиле нешто, треба да се погледнете во огледало пред повторно да излезете. Така несреќата останува дома.
Истурена сол
Истурена сол на масата значи кавга во семејството. Некаде се верува дека тоа може да се спречи ако се фрли малку сол преку левото рамо.
Чукни во дрво
Кога ќе кажеме нешто добро, на пример дека долго не сме биле болни, веднаш чукаме во дрво, „да не се урочи“.
Психолозите велат дека суеверијата ни даваат чувство на контрола во ситуации на кои не можеме да влијаеме. Затоа и најрационалните луѓе понекогаш ќе чукнат во дрво, за секој случај.
Кое суеверие го почитувате вие?







