Ако знаете напамет барем еден стих од „Бушава азбука“, или уште ви се врти во главата мелодијата од шпицата, тогаш и вие сте дел од генерацијата што го научи јазикот со помош на Горан Стефановски. На 27 ноември се навршија осум години откако големиот драмски писател почина во Кентербери, Англија, на 66-годишна возраст.
Името Стефановски можеби не им е познато на сите, но неговата серија им е. За многумина тој засекогаш ќе остане човекот што на децата им покажа дека буквите можат да бидат смешни, лудо разиграни и полни со приказни.
Серијата што ја знае секое македонско дете
„Бушава азбука“ настана во 1985 година, во соработка со режисерот Слободан Унковски. Серијата имаше 31 епизода – по една за секоја буква од македонската азбука – и секоја од нив беше мала лекција за јазикот, литературата, историјата и културата, но раскажана толку духовито што на децата воопшто не им личеше на час.
Помина повеќе од четириесет години, а серијата и денес се пушта, се споделува и се цитира. Ретко кое телевизиско остварување во Македонија издржало толку долго и останало толку сакано кај публиката од сите возрасти.
Роден во театарско семејство во Битола
Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола, во дом каде театарот бил дел од секојдневието. Татко му Мирко бил театарски режисер, мајка му Нада актерка, а помладиот брат е Влатко Стефановски, еден од најпознатите македонски гитаристи.
Малкумина знаат дека двајцата браќа соработувале и во музиката – Горан пишувал текстови за дел од песните на легендарната група „Леб и сол“.
Од „Наши години“ до „Диво месо“
Детската телевизија беше само еден дел од неговото творештво. Тој ги потпишува и серијата „Наши години“, „Тумба, тумба, дивина“, „Клинч“ и „Томе од бензинската пумпа“, што исто така станаа дел од семејните спомени на многу Македонци.
Во театарот го оставил својот најголем траг. Драмите „Диво месо“, „Јане Задрогаз“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Демонот од Дебар Маало“ ја обележаа современата македонска драматургија и ја однесоа надвор од границите на државата.
Македонски писател на сцените во Европа и Америка
Неговите драми се преведени на многу јазици и поставувани во театри низ Европа и во САД. Стефановски бил професор по драматургија, член на Македонската академија на науките и уметностите и добитник на највисоките книжевни, театарски и државни награди.
Во своите дела најчесто пишувал за прашањата што и денес ни се блиски – кои сме, каде припаѓаме, што значи да заминеш од дома, што е семејство и како поединецот се снаоѓа во општеството и во историјата.
Осум години подоцна, неговите драми сè уште се играат, текстовите се учат на училиште, а секоја нова генерација родители со задоволство им ја пушта на своите деца истата „Бушава азбука“ со која и самите пораснале.
Извор: Македонија.мк






