Патувањето во Јапонија за многумина е сон, а за Ангела Игнатова од Кочани тоа стана авантура што ќе ја памети цел живот. Ексклузивно за Кафе пауза, таа ни ја раскажа својата приказна за земјата на кимоното, мачата, беспрекорната култура, необичната храна и местата што изгледаат како сцени од аниме-филм.
Ангела Игнатова има 33 години, доаѓа од Кочани и е професорка по германски јазик. Од 17 до 27 април таа помина 11 незаборавни денови во Јапонија — патување што започнало од Скопје, со прекачување во Истанбул, а завршило со куфер полн спомени, фотографии и искуства што, како што вели, ја направиле побогата.
Интересно е што причината за ова патување на почетокот воопшто не била директно поврзана со Јапонија. Ангела е голем обожавател на волшебниот свет на Хари Потер, па желбата да го посети Universal Studios и да го види Хогвортс била првата искра што ја однела на другиот крај од светот. Но, бидејќи патувањето траело 11 дена, таа решила добро да се подготви и за самата Јапонија — да прочита повеќе за нејзината култура, историја, правила и секојдневие.
„Ова доживување го препорачувам на сите фанови на Хари Потер. Но, бидејќи турата траеше 11 дена, се потрудив да се информирам и за Јапонија, да истражам нешто за културата и историјата“, раскажува Ангела за Кафе пауза.
Првиот впечаток: „Како да сум влегла во цртан филм“
По долгиот лет, првите впечатоци не дошле веднаш. Уморот си го направил своето, но моментот кога Ангела се качила во првиот воз бил доволен за да сфати дека влегла во сосема поинаков свет.
Сè околу неа било шарено, живописно и весело — од рекламите во возот до целокупната атмосфера. Првиот впечаток бил дека Јапонија изгледа како цртан филм, а неколку дена подоцна тој впечаток само се засилил.
„Денови подоцна сфатив дека цела Јапонија изгледа како некој аниме-филм“, вели таа.
Чајна церемонија во кимоно – најјапонското искуство уште првиот ден
Веднаш по сместувањето, Ангела имала резервирано чајна церемонија — искуство што денес го издвојува како едно од најпосебните од целото патување.
Церемонијата траела околу 90 минути. Во тој период ѝ облекле кимоно, ѝ ја средиле косата, а потоа следувала традиционална церемонија на подготовка и пиење мача чај. Зад оваа навидум едноставна активност, вели Ангела, се кријат многу правила, симболика и почит.
Научила како се поклонува, како се подготвува мача чај, како се пие, па дури и дека чашата треба да се заврти пред да се почне со пиење — како знак на почит, а потоа повторно на крајот, како благодарност кон домаќинот.
„Тоа беше најјапонското нешто што го направив и многу ми е драго што го доживеав уште во првите часови“, раскажува Ангела.
Храна што изненадува: суши по достапна цена и незаборавно Okonomiyaki
Пред да замине, Ангела признава дека имала мала грижа околу храната, бидејќи не е голем љубител на риба, особено не свежа. Но, Јапонија многу брзо ја разубедила.
Она што најмногу ја изненадило е огромниот број ресторани и разновидноста на специјалитети. Рестораните ги има насекаде, а изборот е толку голем што, како што вели, тешко е човек да остане гладен.
Посебно ја изненадило тоа што сушито во Јапонија е многу подостапно отколку кај нас, каде често се доживува како луксуз. Но, вкусот што никогаш нема да го заборави е Okonomiyaki — јапонски специјалитет чие име во слободен превод значи „печено како што сакаш“.
Станува збор за јадење што се подготвува на лице место, со тесто слично на палачинка, тестенини, зелка, месо или морски плодови, јајце и други додатоци наредени еден врз друг.
„Мислам дека одамна немам пробано нешто толку добро“, вели таа.
Култура на почит, љубезност и правила што имаат смисла
Едно од најсилните нешта што Ангела ќе ги памети од Јапонија е културата на луѓето. Вели дека таму љубезноста е на највисоко ниво, а зборот „arigato“ — благодарам — го слушнала безброј пати.
Посебно ја воодушевило тоа што луѓето се радуваат на малите нешта и се трудат да помогнат, дури и кога не зборуваат англиски. Ако замолиш некој Јапонец да те фотографира, вели Ангела, тој ќе се потруди да ја направи совршената фотографија — дури и ако треба да легне на земја за подобар агол.
„Се функционира беспрекорно и точно. Поради нивната посветеност и култура, се чувствував безбедно да се шетам сама навечер. Тоа чувство го немав во многу европски земји“, раскажува таа.
Јапонија, сепак, е земја со многу правила. Не се зборува во метро или во лифт, кантите за отпад не се наоѓаат на секој чекор, туку само на одредени места, а бакшиш во рестораните не се остава бидејќи може да се сфати како навреда. Кај нив одличната услуга не е нешто што треба дополнително да се нагласи — таа едноставно се подразбира.
Еден момент што ѝ останал во сеќавање е кога рецепционерот, пред да влезе во нивната хотелска соба, ги соблекол чевлите и ги оставил во ходникот.
„На почеток некои работи ми беа несфатливи, да не кажам смешни, но веќе по вториот или третиот ден почнав да ги гледам позитивните страни на сите тие правила“, вели Ангела.
Universal Studios, Шибуја и срните во Нара
Како најинтересно искуство, Ангела го издвојува Universal Studios, бидејќи таму ѝ се остварил еден голем сон. Но, ништо помалку впечатлива не била ниту познатата раскрсница Шибуја, едно од најпрепознатливите места во Токио.
Таа вели дека претходно мислела дека трчањето преку пешачкиот премин е само инстаграмски тренд, но кога го видела тоа во живо, сфатила дека навистина голем број луѓе го прават истото. Атмосферата таму ја опишува како адреналинска и незаборавна.
Еден од најсимпатичните, но и најнеобични моменти, бил денот поминат во паркот во Нара, каде живеат повеќе од илјада срни и елени. Тие се поклонуваат пред туристите во јапонски стил, најчесто затоа што очекуваат храна и крекери.
„Кога ти се поклонува една срна изгледа многу слатко. Кога ќе дојдат до тебе десет срни, знае да биде и малку страшно“, вели Ангела низ смеа.
Дали Јапонија е скапа?
На прашањето дали Јапонија е скапа, Ангела вели дека сè зависи од тоа како патуваш и на што трошиш. Според нејзиното искуство, маркетите се значително поевтини од кај нас, а голем дел од нив работат 24 часа, седум дена во неделата.
И храната во рестораните, особено во оние достапни за туристи, според неа е поевтина во споредба со многу европски градови. Со околу 10 евра може да се има добар оброк во ресторан.
Јапонија ја изненадила и со неверојатниот избор на козметика, играчки и производи поврзани со поп-културата. Super Mario, Hello Kitty, Pokemon и Snoopy ги има речиси на секој чекор.
Јазичната бариера не е пречка кога луѓето сакаат да помогнат
Иако Јапонците, според нејзиното искуство, многу малку зборуваат англиски, тоа не било голем проблем. Најчесто се разбирале со говор на телото или со превод преку телефон.
Но, она што најмногу ѝ оставило впечаток е нивната подготвеност да помогнат. Дури и кога не знаеле како да објаснат, се труделе да најдат начин.
„И покрај јазичната бариера, секогаш беа подготвени да помогнат на секое прашање“, вели Ангела.
„По вакво патување, единствено што трошиш се парите“
За Ангела, Јапонија не е само патување, туку искуство што те менува. Земја во која се учи смиреност, почит, дисциплина, љубезност и радост во малите нешта.
Најмногу ќе ја памети како авантура поради која се чувствува побогата. Како што вели, секоја личност што барем еднаш носела кимоно, макар и на половина час, ќе ја памети таа елеганција и смиреност цел живот.
„Сметам дека ние Македонците, па и целиот Балкан, сме многу далеку од нивните карактеристики, но и дека имаме многу да учиме од нив. Секому му посакувам да му се случи Јапонија барем еднаш во животот. По вакво патување, единствено што трошиш се парите, а се враќаш со безброј спомени“, порачува Ангела за Кафе пауза.
