Македонската танчерка Мила Србиновска освои сребро на Европското првенство во Австрија

Сподели

Македонската танчерка Мила Србиновска постигна уште еден голем меѓународен успех. Таа освои сребрен медал на IDO Европското првенство во All Style Battles, кое од 1 до 7 јуни 2026 година се одржува во Клагенфурт, Австрија.

Реклама

Србиновска, која е членка на танцовиот клуб Break A Leg од Скопје, настапи во исклучително силна конкуренција составена од најдобрите европски батл танчери. Со својот настап успеа да стигне до големото финале и да ја освои титулата европски вицешампион.

Овој резултат е уште една потврда за нејзиниот континуиран успех на меѓународната сцена. Мила веќе е препознатливо име на македонската и светската хип-хоп сцена, а во 2024 година ја освои и светската шампионска титула во хип-хоп. Новиот медал од Австрија само дополнително ја потврдува нејзината припадност кон европскиот и светскиот танцов врв.

Реклама

Среброто на Европското првенство претставува голем успех и за танцовиот клуб Break A Leg, како и за македонската репрезентација, која со години успешно ја претставува Македонија на најзначајните европски и светски танцови натпреварувања.

„Мила повторно покажа дека е една од најдобрите танчерки во Европа. Сребрениот медал на Европското првенство е огромен успех за неа, за нашиот клуб и за Македонија. Особено радува фактот што таа континуирано се наоѓа меѓу најдобрите на светот и Европа. Горди сме на нејзината посветеност, работа и карактер кои ја доведоа до уште еден голем резултат“, изјави Трајче Петковски од Break A Leg.

 

Реклама

IDO Европското првенство во хип-хоп, попинг, брејкинг и All Style Battles ги обединува најдобрите танчери од цела Европа и важи за едно од најпрестижните натпреварувања во уличните танцови дисциплини.

Македонската репрезентација продолжува со настапите и во наредните денови од шампионатот, каде повеќе македонски танчери ќе се борат за нови финалиња и медали.

Со овој резултат, Мила Србиновска и Break A Leg уште еднаш докажаа дека Македонија има свое заслужено место меѓу најдобрите европски танцови нации.

Најново

Може ќе ве интересира