Денес се слават Свети Константин и Елена: Верниците носат дарови за здравје, а водата од еден извор се смета за лековита

Сподели

На 3 јуни православните верници го одбележуваат празникот посветен на Светиот цар Константин и неговата мајка, царицата Елена – личности кои имаат особено значајно место во историјата на христијанството.

Реклама

Празникот е поврзан со бројни обичаи, верувања и народни преданија, а кај нас се почитува со посета на храмови, молитви за здравје и оставање дарови.

На овој ден именден слават Костадин, Костадинка, Кочо, Елена, Ленка и сите што носат имиња изведени од имињата на светителите.

Реклама

 

Кои биле Свети Константин и царица Елена?

Свети Константин останал запаметен како првиот римски владетел кој го признал христијанството и со тоа го променил текот на историјата. Пред неговото владеење, христијаните биле изложени на силни прогони, особено во времето на императорите Диоклецијан и Максимилијан.

Константин бил роден во Ниш, во 274 година, како син на Констанциј Хлор и Елена. Неговата мајка била длабоко побожна жена и според преданијата имала големо влијание врз него, особено во неговиот однос кон христијаните.

Реклама

Се раскажува дека пред решавачката битка против Максентиј, владетел кој бил познат по суровоста и угнетувањето, Константин се двоумел на кој бог да му се обрати за помош. Тогаш, според црковното предание, на небото му се појавил светол крст со зборовите:

„Со ова ќе победиш!“

Следната ноќ, на сон му се јавил Христос и му порачал во битката да го понесе знакот на крстот. Константин го послушал тоа видение и, според преданието, со христијанскиот знак ја добил битката против Максентиј.

 

По победата, Константин бил свечено пречекан во Рим, а во 313 година го издал познатиот Милански едикт, со кој бил запрен прогонот врз христијаните и им било дозволено слободно да ја исповедаат својата вера.

Со тоа започнал нов период за христијанството – се граделе храмови, се зацврстувала црковната организација, а Константин подоцна го основал и градот Константинопол, кој станал еден од најзначајните центри на христијанскиот свет.

Царицата Елена и пронаоѓањето на Чесниот крст

Царицата Елена, мајката на Константин, во христијанската традиција е особено почитувана поради нејзината побожност и посветеност. Според преданието, таа заминала во Светата земја со желба да ги пронајде местата поврзани со животот и страдањето на Исус Христос.

Се верува дека токму таа го пронашла крстот на кој бил распнат Исус Христос. Преданието вели дека во близина на Христовиот гроб биле откриени три крста – Христовиот и двата крста на разбојниците распнати заедно со него.

За да се дознае кој од нив е вистинскиот, еден починат човек бил допрен до крстовите. Кога бил допрен до Христовиот крст, според преданието, мртовецот воскреснал, по што било откриено кој е Чесниот крст.

На местото каде што бил Христовиот гроб, царицата Елена подигнала голем храм, а нејзиното име останало трајно поврзано со пронаоѓањето на една од најголемите христијански светињи.

Во Македонија, во манастирот Свети Јован Бигорски, и денес се чува дел од Чесниот крст, кој според црковното предание потекнува од крстот пронајден од царицата Елена.

Царицата Елена починала во длабока старост во Палестина, а подоцна нејзините мошти биле пренесени во Цариград и положени во црквата на Светите апостоли.

Обичаи и верувања на овој ден

Празникот Свети Константин и Елена во народот се смета за голем христијански празник. Во православниот календар е одбележан со црни букви, а според народните верувања, на овој ден не треба да се извршуваат тешки физички работи.

Многу верници денес посетуваат цркви и манастири, палат свеќи и се молат за здравје, мир и благосостојба. Во некои краишта постои обичај во храмовите да се оставаат дарови, најчесто кошули, крпи, чорапи или други лични предмети, со верување дека тоа носи здравје и заштита.

Изворот под Свети Наум за кој се верува дека е најлековит токму на овој празник

Едно од најпознатите народни преданија поврзани со овој ден доаѓа од Охрид. Под манастирот Свети Наум, во близина на Охридското Езеро, постои извор за кој народот верува дека има посебна исцелителна моќ токму на празникот Свети Константин и Елена.

Според преданието, еден татко имал ќерка која била без коса. Свети Наум, како што се раскажува, му порачал да ја однесе на изворот под карпата и да ја измие токму на празникот Свети Константин и Елена.

Откако таткото го направил тоа, девојката оздравела, а косата повторно ѝ пораснала – густа и кадрава. Од тогаш, народот верува дека водата од овој извор на овој ден има особена лековита сила.

Поради ова верување, голем број верници и денес доаѓаат на изворот, се мијат со водата и полнат шишиња за здравје, надевајќи се на благослов и заштита.

Празникот Свети Константин и Елена и денес останува длабоко вкоренет во православната традиција и народното паметење – како ден на вера, надеж, здравје и почит кон светителите кои се сметаат за големи заштитници на христијанството.

Најново

Може ќе ве интересира