Лекции за безвремена убавина
Дали би сакале да имате совршена холивудска шминка? Следете ги следниве инструкции и лесно ќе ги совладате лекциите за безвремена убавина.
Густи трепки како Кетрин Рос
Започнете со виткање на трепките, почнувајќи од коренот кон врвовите. Повторете го виткањето неколку пати така што ќе добиете изглед на природно извиткани трепки. Потоа нанесете два слоја маскара за издолжување на трепките. За да добиете ефект на мачкини очи, нанесете подебел слој маскара на трепките кои се наоѓаат на надворешниот агол од окото. Вишокот маскара избришете го со хартиено марамче. На крај, поминете ги трепките уште еднаш со посебно чешле за да одделат едни од други.
Веѓи како Синди Крафорд
За да постигнете природен изглед на веѓите, користете молив за веѓи во боја која е најслична со бојата на влакната. Исклучок од ова правило може да направите ако имате премногу светли веѓи. Во тој случај дозволено е да користите молив за веѓи кој е за нијанса потемен од бојата на влакната. Со моливот поминете покрај горниот раб на веѓите, а потоа пополнете ги само проретчените делови. Потезите треба да бидат кратки и брзи. За беспрекорен финиш, поминете ги веѓите со четка која ќе го апсорбира вишокот молив.
Мачкини очи како Софија Лорен
Најлесен начин да го постигнете ефектот на мачкини очи е да користите туш за очи во вид на молив. Содржината на ваквиот туш е иста, разликата е само во тоа што тушот во вид на молив е полесен за употреба. За прецизно исцртување на окото, најдобро е да го потпрете лактот на стабилна површина. Започнете да го цртате окото од внатрешниот агол, поминувајќи покрај трепките. Завршете ја линијата така што ќе ја задебелите и ќе ја закосите на крајот од надворешниот агол на окото.
Румени образи како Кристи Бринкли
Кога се работи за руменило, постои само едно правило – посветлиот тен бара посветли розови нијанси на руменило. Не заборавајте дека какво руменило и да користете, секогаш избегнувајте ги руменилата кои содржат блескави пигменти затоа што тие не изгледаат природно. Пред да нанесете руменило, добро дефинирајте ги образите. Погледнете се во огледало, насмевнете се и ќе ги забележите контурите на образите. Руменилото нанесете го со брзи и кратки движења, во насока од центарот кон надворешниот дел на образите. Најдобро е да користите четка со средна големина и меки влакна.
Црвени усни како Лорен Бекол
Многу е важно нијансата на црвениот кармин да одговара на тенот на кожата. Ако имате потемен тен, одберете темно црвен кармин, а ако на вашата кожа се забележуваат жолти нијанси, тогаш одберете кармин кој ќе биде мешавина од црвена и портокалова боја. Пред да го нанесете карминот, ставете балсам на усните и почекајте неколку минути додека да се впие. Ова посебно важи за сувите и испукани усни. Потоа нанесете го карминот и почекајте уште неколку минути додека и тој да се апсорбира. На крај отстранете го вишокот кармин со хартиено марамче.
Зачадени очи како Ракел Велч
За да постигнете ефект на зачадени очи, нанесете сива сенка за очи на целиот очен капак, која постепено ќе станува побледа кон веѓите. Со помош на тенка четка за очи нанесете јагленесто-сива сенка покрај горните и долните трепки. Наместо сенка за очи, во овој случај може да употребите и црн молив за очи. Со четка поминете неколку пати преку целиот очен капак. На тој начин ќе ги измешате нијансите и ќе создадете зачаден, маглив ефект.
Розови усни како Рис Витерспун
Ако се одлучите за розов кармин, важно е да одберете нијанса која ќе додаде топлина во целокупниот изглед. Најдобро е розовиот кармин да се искомбинира со шминка во бели нијанси. За да делува поромантично, со помош на прстите натапкајте го карминот на усните. Комплетирајте го изгледот со малку руменило на образите.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.