10 знаци дека се заљубувате во неа
Автор: Бојана Мандевска
Веќе некое време чувствувате нешто интересно, некои нови чувства ве обземаат. Да, на таа нова интересна девојка ѝ припаѓаат сè поголем дел од вашите мисли. Потајно се смешкате секогаш кога ќе ви текне на нешто што е поврзано со неа. Сакате да бидете во нејзино друштво. Пријателите ви велат дека се променувате. Не грижете се, не е страшно, вие сте на чекор до заљубување. Доколку се пронајдете и во останатите подолу наведени симптоми, ви честитаме и ви посакуваме сè најдобро со новата љубов.
Ја заборавивте вашата бивша – Имавте долга врска која неславно заврши. Бевте многу повредени и ранети, се повлековте во себе, многу пати се прашувавте каде згрешивте, што се случи. Но, откако оваа нова девојка влезе во вашиот живот, ко со гума да ги избриша сите тие прашања. Воопшто и не ви паѓа на памет за тоа што се случува со вашата бивша девојка. Новата девојка во вашиот живот ви донесе нова возбуда и среќа.
Не можете да престанете да мислите на неа – Постојано ви е во мислите, ја сонувате, размислувате, копнеете за неа. ДА, тоа е сигурен знак дека се заљубувате во неа.
Не ви пречат нејзините чудни навики – Кога јаде, го распоредува зеленчукот на секоја боцка на виљушката пред да го стави во уста, во чантата секогаш носи чадор за секој случај. Понекогаш се однесува чудно и детинесто, но вам тоа ви е симпатично.
Се грижите за неа – Се грижите за нејзините желби и потреби, важно ви е што таа сака, што ѝ пречи. Сакате да ја гледате насмеана и весела. Се вознемирувате ако таа има лош ден, сакате да исчезнат сите нејзини грижи.
Чувствувавте посебна хемија меѓу вас – Мммм… ♫♫♫ „love is in the air“, кога сте во нејзина близина блескате, треперите, чувствувате трпки по телото кога ќе ве допре. Но доколку овие телесни симптоми на поврзаност се надополнуваат и со слични сфаќања, желби и интереси, на сигурен пат сте кон сериозно заљубување.
Не забележувате други девојки – Откако таа е во вашиот живот речиси и да не ги забележувате другите девојки околу вас. Воопшто и не обрнувате внимание на долгоногите убавици кои до пред извесно време ви беа слабост. Оваа девојка го задржува целото ваше внимание.
Сакате времето да го поминувате со неа – Нема ништо подобро за вас од времето поминато во нејзино друштво. Сè што посакувате периодов е да бидете покрај неа.
Не ви пречи да направите компромис – Немате ништо против да ги исполните нејзините желби, па макар ако тоа би значело цела вечер да гледате романтични филмови со неа наместо да одите на пиво и фудбал со пријателите. Желбата да бидете со неа е посилна од сите останати.
Таа ви станува приоритет – Пред да ја сретнете неа вие бевте непоправлив зависник од работа. Но откако таа е во вашиот живот, работните активности повеќе не ви се приоритет. Таа ви е поважна од сите ваши обврски и задолженија.
Кога размислувате за иднината и таа е дел од неа – Секој од нас поретко или почесто размислува за својата иднина, планира, организира одредени идни активности. Но одеднаш таа се наоѓа во сите ваши идни планови. Не можете да ја замислите својата иднина ако ТАА не е дел од неа.